Старата архитектура на градот Битола, која припаѓа на неокласицизмот, честопати била „во кадар„ за бројни снимања, но последниот сингл на талентираната поп-пејачка Тамара Стојковска „Што ќе остане“ е снимен во ентериерот на еден од највредните репрезенти на таа архитектира, некогашната Солунска банка, позната како Алхамбра куќата во Битола, која по снимањето на спотот влезе во фаза на целосна реконструкција. Па така, новиот спот на Тамара ќе биде спомен за историјата како изгледаше овој објект пред неговата комплетна реконструкција.
Тамара вели дека е со музиката откако знае за себе. Настапувала од мали нозе на детски фестивали, по завршувањето на основното и средно музичко училиште, запишува студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, кои ги завршува и така официјално започнува нејзината професионална кариера. Позади себеси има стотици настапи како солист со Камерениот оркестар на Битола, на Битолскиот дувачки оркестар, како вокал во бендови, од кои Funk’d Up е нејзин матичен бенд со кој ја крстосува Македонија од 2019 година. Поп музиката е нејзин идеален простор, но заради музичкиот бекграунд, како школуван музичар, таа настапувала со хоровите ПроАрс, Драган Шуплевски и Женскиот младински хор при МКЦ, а била и хорист со Македонската Филхармонија и Македонската Опера и балет. Зад себе бележи квалитетна соло кариера, па од 2019 година издава неколку синглови: „Друга Ѕвезда“, „Кажи нешто ново“, „Жедни“, „Не ме оставај“…
Кога станува збор за градењето на мојот стил и создавањето музика, секогаш почнувам од тоа која сум јас, како се чувствувам, која емоција имам потреба да излезе од мене преку песна. Тие работи ги дискутирам со тимот што работам на старт и според тоа бираме насока во која ќе се работи новата песна. Уметноста нели е начин на изразување, и јас најкомотно се изразувам преку музиката. Обожавам кога соработувам со колеги музичари и изведувачи од било која друга уметност. Верувам дека посебна магија се создава кога повеќе уметници ќе си ја отворат душата на исто место, вели Тамара за последниот нејзин проект.
Најновото остварување „Што ќе остане“ кое деновиве ја имаше својата промоција го потпишува Коста Хаџикојчев кој е комплетен автор на новата песна на Тамара, Ѓорѓи Вацев стои позади продукцијата на видео спотот, кореографијата е на Бобан Русески, танчери се Сара Цветковска и Бобан Русески.
Не сакам кога луѓето споредуваат артисти или очекуваат некој да биде како некој друг. Обожавам и внимателно анализирам конструктивна критика, меѓутоа верувам дека еден музичар може да создаде нешто автентично само ако е искрен и свој. Колку и да е клише, добро познатата изрека дека уметноста не треба да ти биде допадлива туку треба да направи да почувствуваш нешто, дефинитивно има смисла„- додава Тамара која со нетрпение ги очекува реакциите на публиката за нејзиниот нов сингл.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.