На 20 август (вторник), со почеток во 20 часот, во Социјалниот центар „Дуња”, ќе се одржат концерти на германското трио Junaït и македонската музичарка Хана Корнети.
Junaït се германско трио составено од Клара Вигер (кларинет / бас кларинет), Каролине Колдиц (гитара) и Лин Хартфил (контрабас). Свират комплексна музика, во која се слуша блиско-источен фолклор покрај авангарден експресионизам, камерен џез покрај современ класичен израз, зацртани аранжмани покрај слободно импровизирани – сѐ ова во спонтани и игриви концертни изведби. Ова им е второ гостување во Македонија, каде во моментов работат на својот деби албум.
Повеќе околу музиката на триото Junaït можете да дознаете на нивната веб страница и на Инстаграм.
Хана Корнети е музичарка од Скопје. Во формат на поет-раскажувач пишува и изведува микрокосмички минијатури. Во описот за нејзиниот деби албум „Голи песни” (Шарла, 2023) нејзиниот музички соработник Давид Ангелевски ќе напише: „Нејзиното форте е шармот, искреноста, но и вештината да ги претвори книжевните вибрации во музички далги од мелодии и сеќавања, звуци и воздишки кои лесно ќе ве вовлечат во нејзиниот имагинариум. Да не ви се излегува. Првокласен е раскажувач, заводливо е игрива, но и политички гласна кога ќе препознае неправда, а ги има, нели?”
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.