На стадионот на АРМ во Скопје синоќа настапи Грејс Џонс. Ова е нејзино прво гостување во земјава, а публиката имаше прилика да проследи спектакуларен настап.
Една од најпрепознатливите фигури на американската музичка сцена, Грејс Џонс речиси четири децении ја дефинира музиката, модата и уметноста и е неизиставен дел од енциклопедијата на поп културата.
Веројатно не постои светски артист на оваа планета, освен, се разбира, Дејвид Боуви, кој може толку аргументирано да изнесе толку многу различни и заслужени епитети како Грејс Џонс, една од најреволуционерните и најзначајни музички и уметнички појави на светот на сите времиња.
Некои од нив се: ” Musical mastermind”, “Amazing Grace, “Timeless”, “Art aristocrat”, “True diva”, “Goddess of Rhythm”, “Pop culture icon”, “Fashion Icon” “Vamp Woman”… а покрај сето тоа, таа е и супермодел и филмска дива.
Но, она што е најважно во моментов, пред се’, Грејс Џонс е „Master of stage”, а во тоа се убедија сите оние кои синоќа во Скопје имаа можност да бидат на нејзиниот концерт. И, да бидеме искрени, Грејс како никогаш да не припаѓала на оваа планета. Како да се објасни на друг начин нејзиниот изглед и она што и ден денес го прави на сцена? Како да се објасни и ден денес светското чудо од албум “Nightclubbing”? Тој и денес, во секој музички сегмент е еден век пред времето. И секогаш ќе биде… во било кое време. Дали воопшто постои друг албум во светската дискографија кој во себе содржи funk, pop, dub, soul, disco, jazz, synth pop, bossa nova, r&b, new wave и, се разбира, reggae fusion? И затоа Грејс Џонс нема конкуренција, затоа што никогаш не личела на никој.
Од друга страна еднаш некој рече „не е работата што Грејс Џонс е пред Мадона и Лејди Гага и Бјонсе и Ријана, работата е што таа се’ уште е сите три во едно”.
Синоќа Грејс Џонс заедно со нејзиниот многуброен бенд приреди спектакуларно 90 минутно шоу, а Македонија се најде на листата земји каде се случува нешто убаво. Неколку пати од сцената извика: Те сакам Македонија!
Нејзиниот вокал звучеше моќно како некогаш, телото ѝ е еластично како на тинејџерка, вртеше хулахоп на цела песна, повеќе од 12 минути, додека ја изведуваше „Slave to the Rhythm“ и го претстави бендот, а модните додатоци, се разбира, не изостанаа.
Концертот почна доцна, со хитот „Nightclubbing“, а потоа на публиката и следеше патување во Париз, Њујорк, Јамајка, во црква и во ноќен клуб, како приказни од нејзиниот личен живот. Пиеше вино и за секоја песна ја менуваше гардеробата овозможувајќи и на публиката целосно уживање во музичко-визуелниот спектакл.
„Pull Up to the Bumper“ го испеа заедно со публиката, кога во еден момент се симна од сцената и им се доближи на присутните во првите редови, додека за бис ја остави култната „La vie en rose“ која ја испеа со публиката во еден глас.
Оваа авторка, пејачка, музичарка и модел со потекло од Јамајка на светот му подари опус кој веќе е запишан во музичката класика, почнувајќи од албумите „ Warm Leatherette” и ”Nightclubbing” до сингловите како ”Private Life”, ”Pull Up to the Bumper”, ”I‘ve Seen That Face Before” и ”Slave to the Rhythm” со кои ги подигна музичките скалила.
VH1 ја стави на списокот од 100 најважни жени на ронекролот, додека „Billboard“ ја смести меѓу 40-те најголеми имиња на клубската култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.