До големиот славенички концерт на „Меморија“ се бројат часови. Бендот е како никогаш досега подготвен заедно со својата публика, в сабота на 16 ноември во арената „Борис Трајковски“ со незаборавен концертен спектакл да ги прослави свите 40 години постоење.

Репертоарот познат, хитовите оддамна се подготвени за пеење во еден глас, баладите исто така за да ги разбудат емоциите и да ја одведат публиката на прошетка по сеќавањата за старите добри времиња, новите песни подеднакво стокмени за да се вклопат во целиот аудио-визуелен концертен мозаик кои „Меморија “ и го подготвува на  својата публика, која таа вечер ќе биде пред сцената во арената, која пак претендира да прерасне во театар на соништата…

Покрај сопствениот репертоар подготвија и изненадувања со специјални музички гости кои ќе бидат со членовите на „Меморија“ во одредени моменти заедно на сцената.

Овој пат „понежниот пол“ од музичкиот свет ќе го има главниот збор. Со микрофонот или инструментот в рака кога се во прашање бонус настапите вткаени во музичкиот концепт на концертот,  дамите како Ружица Брчиоска и „Ареа“, Дани Димитровска, Андријана Јаневска, Сара Мејс, Александра, Илиева, Тијанче Илова... засилени со едно машко име – Бранко Ѓоргиев, ќе бидат оние кои со својата вокална или инструментална изведба ќе ја обојат атмосферата и целиот амбиент. Секако тука е и Филип Николоски, младо момче од Прилеп кое се движи со помош на количка, но многу ја сака музиката, свири на синтисајзер, пее и настапува, па ќе настапи и со групата „Меморија“.

Меѓу сите нив и последниот гостин кој што членовите на бендот го чуваат до крај во тајност, со сиот респект на оние кои  се објавени и споменати,  е вистинска музичка ѕвезда. Во прашање е  едно големо, можеби во моментов и најголемото наше музичко име со интернационална кариера, на чии маестрални изведби се поклонува публиката ширум светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.