Биографските филмови на легендарните музичари отсекогаш биле добро прифатени од љубителите на нивната музика како и од широката филмска публика.

Елтон Џон, Фреди Меркјури, Елвис Присли, Еминем, Селена, Реј Чарлс се само некои од познатите имиња чии животи се појавија на филмските екрани. Од 22 декември публиката ќе има можност да го проследи извонредниот живот зад легендарниот глас на Витни Хјустон во филмот „I Wanna Dance With Somebody“.

Филмот за Витни Хјустон е моќна и триумфална прослава на  познатата пејачка. Во режија на Каси Лемонс и напишан од 4-кратниот номиниран за Оскар, Ентони Мекартен, продуциран од легендарниот музички директор Клајв Дејвис и актерката Наоми Аки, добитничка на наградата BAFTA, филмот прикажува портрет без ограничувања на комплексната и динамична жена позади легендарниот The Voice.

Од девојка од хорот од Њу Џерси до еден од најпродаваните и најнаградуваните музички уметници на сите времиња, публиката ќе биде однесена на инспиративно, трогателно и многу емотивно патување низ животот и кариерата на Витни, со извонредни изведби и никогаш претходно слушнат саундтрак од најомилените хитови на иконата.

Најновиот трејлер нѝ прикажува дополнителни детали од кариерата и животот на Витни. Нејзиниот татко, Џон Расел, воедно и нејзин менаџер, тешко наоѓал рамнотежа помеѓу семејниот и деловниот однос. Тука во центарот на вниманието доаѓа врската на Витни со музичарот Боби Браун, со кој на крајот формира семејство. Сепак, музиката е она што ја обележа Витни.

Овој нов трејлер е во стилот на безвременскиот хит „I Will Always Love You“ од филмот „The Bodyguard“, во кој Витни го имаше своето актерско деби. Од сè што досега знаеме за овој долгоочекуван филм, јасно е дека музиката за Витни Хјустон нема граници и сцената е местото каде таа успешно се пронаоѓа себеси и својата цел.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.