Под отворено небо, филмот „Живи и Здрави“ на црногорскиот режисер, Иван Мариновиќ, синоќа го отвори седмото издание на фестивалот „Бич филм фестивал“ на плажата Славија во Охрид, кој ќе трае до недела.
Фестивалското отворање го донесе и краткиот филм „Шарац“ по сценарио и режија на Димитар Банов кој присуствуваше на настанот.
Во центарот на приказната е Шарац, кој по откривањето на неговата срцева состојба ја губи волјата за социјален живот. Сепак се’ се менува кога ќе се соочи со пријателите од средношколските денови… Во дискусијата по проекцијата беше истакнато и дека Шарац истовремено претставува и почеток на кампањата на Здружението за едукација, промоција и заштита на здравствените и човековите права „Биди Човек“ за благосостојба низ целиот животен век.
„Гнев“, пак, е дело на млади филмски ентузијасти на работилница за филм во рамките на фестивалот. Фокусирајќи се на присуството на казината и обложувалниците на секој чекор во градот, филмот направи интересна паралела помеѓу звуците на слот машините и блескавите излози со забавниот адреналински парк, создавајќи гнев кај младиот човек кој чувствува потреба да побегне.
Фестивалската вечер ја збогати настапот на македонска поп-рок-инди-џез група Sioto Jazz (Сиот тој џез) кои останаа на сцената подолго од предвиденото на барање на публиката.
„Бич филм фестивал“ до недела ќе се одржува на четири локации во Охрид: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид. Важно е да се напомене и дека за бродот „Армада“ билетите може да се купат само онлајн.
Во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот дополително ќе бидат претставени и 13 краткометражни филмови, вклучувајќи и на Ана Јакимска, Елеонора Венинова и Јане Спасиќ.
Оваа година четиричленото жири, кое се состои од Julián Génisson, со кого денеска во 18 часот ќе се одржи разговор на плажата „Сараиште“, Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka, ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски-Сидо“ за најдобро актерско остварување. Тричленото жири, пак, во состав Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски, ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.