Продуцентската куќа Кавал филм информира дека заврши снимањето на долгометражниот игран филм „Набљудување” во режија на Јанез Бургер, а по сценарио на Срѓан Кољевиќ и Јанез Бургер. Филмот е снимен на локации во Љубљана, Словенија и Горица, Италија.
Продуценти на филмот „Набљудување” се Миха Чернец и Јожко Рутар од продуцентската куќа Старагара од Словенија, а копродуценти се Борис Т. Матиќ (Пропелер филм, Хрватска), Игор Принчич (Трансмедиа, Италија) и Роберт Јазаџиски (Кавал Филм, Македонија).
Проектот е поддржан од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, РТВ Словенија, Студио Виба Филм, Агенција за филм на Македонија, Creative Europa Media, Friuli Venezia Giulia Film Commission и Министерството за култура на Италија.
Вкупниот буџет на филмот изнесува 1,8 милиони евра.
Филмот ја следи Лара, млада медицинска сестра на пробна работа во службата за итна помош, која учествува во спасувањето на брутално претепаниот Кристијан.
Претепувањето во живо – на фејсбук, го гледале дваесетина илјади луѓе и притоа никој од нив не повикал полиција. Иако Кристијан е во кома, Лара од неговиот фејсбук профил добива видео снимки на кои непознати лица го гледаат претепувањето и ова го пријавува во полиција. Во меѓувреме, сите набљудувачи од видео снимките стануваат дел од нејзиното морничаво секојдневие. Набрзо, сфаќа дека и самата е соучесник во овој ужасен настан.
Филмот е инспириран од вистински настан кој се случил во село Подбочје, Словенија. Убиството во Подбочје е современа верзија на убиството на Кити Џеновезе во Њујорк, 1964г. „Случајот Џеновезе”, кој стана симбол на урбаната апатија и недостаток на сочувство, ги постави темелите на поимот „ефект на набљудувачот” (или Џеновезе синдром”).
Улогите во филмот ги толкуваат: Диана Коленц, Наташа Кесер, Владимир Влашкалиќ, Бенјамин Крнетич, Јуре Хенигман, Блаж Сетникар, Павле Равнохриб, Дамјана Черне, Мојца Функл, Лара Воук, Роберт Пребил, Сретен Мокровиќ и др.
Композитор на музиката е Тони Китановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.