Главните протагонисти на легендарната хумористична ТВ-серија „Пријатели“ објавија заедничка изјава по повод смртта на нивниот колега Метју Пери. Имено, другите пет од славните шестмина – Џенифер Анистон, Мет Лебланк, Дејвид Швимер, Лиза Кудроу и Кортни Кокс се огласија во списанието „Пипл“ (People).

„Сите сме целосно потиштени. Ние бевме повеќе од колеги-ѕвезди. Ние сме семејство. Има уште многу да се каже, но засега ќе одвоиме миг за да оттагуваме и да ја сфатиме оваа неразбирлива загуба“, се вели во заедничката изјава.

„Пријателите“ додаваат дека ќе кажат и повеќе, кога ќе можат и кога ќе дојде време за тоа.

„Засега мислите ни се со семејството на Мети, неговите пријатели и сите што го сакаа ширум светот“, нагласуваат тие.

Метју Пери, кој го глумеше Чендлер – еден од главните ликови во „Пријатели“, беше пронајден мртов во своето џакузи дома во саботата. Тој имаше 54 години. Истрагата за смртта сѐ уште е во тек. Надлежните во Округот Лос Анџелес потврдија дека обдукцијата е завршена, но се чека токсиколошкиот извештај, и резултатите се очекуваат за неколку недели. Пред зградата на улицата „Бедфорд“ бр. 90, во Њујорк, САД, каде што Чендлер и неговите „Пријатели“ живееја 10 години, обожавателите оставаат цвеќе, фотографии и пораки за покојниот глумец.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.