Режисерот Вуди Ален, кој и во поблиското минато се соочи со обвиненија за сексуална злоупотреба на неговата посвоена ќерка, изјави оти оваа есен ќе сними нов филм во Париз, Франција, и дека тој би можело да му биде последен.
Во инаку реткото интервју преку видеоврска, режисерот разговара со глумецот Алек Болдвин за својата кариера и новата книга „Нулта гравитација“ (Zero Gravity) – збирка хумористични есеи.
Голем дел од возбудата исчезна, вели Ален за снимањето филмови. – Кога ќе снимав филм порано, тој одеше во кината ширум земјата… Сега снимаш филм и добиваш неколку седмици в кино – можеби шест недели, или четири недели, а тоа потоа оди на стрим или плаќање по преглед на малите екрани – тоа не е задоволство за мене!, додаде тој.
Вуди Ален (86) не кажува подробности за новиот филм, којшто инаку ќе биде негов 50-ти, јубилеен кинопроект.
Инаку награден со вкупно четири „Оскари“, режисерот на „Ени Хол“ и други комедии постојано ги порекнуваше наводите дека ја злоставувал својата посвоена ќерка Дилан Фароу во 1992 година. Многу познати личности во Холивуд, сепак, се дистанцираа од него откако движењето против сексуално недоличното однесување – „#МеТоо“ зеде светски замав од 2017 година.
„Ејч-би-о“ ги преиспита обвинувањата против Ален во минисеријата од 2021 година под наслов „Ален против Фароу“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.