Денешната свеченост на која во Кинотеката на Македонија беше доделен Златен објектив на режисерот Столе Попов почна со видео записот за песната „Скопје“ на „Леб и сол“, кој во 1987 година беше награден со Grand Prix – Југословенски Видео Фестивал, Белград.
Големиот доајен на филмската уметност Столе Стојан Попов ова признание го добива за својот исклучителен придонес во развојот на македонската кинематографија, плодното творештво и белегот што го остави во домашната филмска индустрија – како филмски автор, продуцент, сценарист и професор, влијателен и конструктивен во градењето на културните политики за развој на домашниот филм.
„Златниот објектив“ е признание кое Кинотеката, како национален филмски архив, го воведе пред повеќе од 15 години, а го доделува по повод роденденот на институцијата – 29 април 1974 година, кога е објавен Законот за формирање на кинотеката. Ова признание е наменето за филмски автори и професионалци, кои преку својот работен ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Досегашни добитници на ова признание биле режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.
Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.
Во 2011 година – неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.
Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култуен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето…! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија…
Се заблагодарувам на Кинотека за ова признание и укажаната чест. Годините бргу летаат и не можам да поверувам дека сево ова што сега имавме можност да го чуеме во излагањата се случило толку одамна. Сега кога дојдов во Кинотека еден од студентите ми рече дека скоро го гледал „Австралија, Австралија“, а филмот е снимен точно пред 50 години – во златното време на „Вардар филм“ кога директор беше Анте Поповски, рече Попов.
По доделувањето на „Златниот објектив“ за 2024 година, Попов говореше за своето филмско творештво и работно искуство со Илинденка Петрушева, познат филмски критичар, автор и истражувач на историјата на македонската и светската кинематографија.
Низ разговорот се потсетија и на снимањето токму на спотот за „Скопје“ од „Леб и сол“, за што, како што рекоа во голема мера е заслужен тогашниот уредник на ТВ Скопје Димитар Масевски.
Тоа сè се должеше на енергијата и на добрата волја на Димитар Масевски, кој ме ангажираше, се нафатив на таа работа и тоа снимање траеше можеби една недела, се присети Попов.
Снимен е во бараката на Влатко Стефановски во Тафталиџе. Песната „Скопје“ е две минути, но Масевски направи да биде три минути, рече Попов и го поздрави синот на Масе, Александар Масевски кој беше присутен на свеченоста.
Во дел од секунда во спотот се појавува и самиот автор, во вистински хичкоковски манир, во сите свои филмови се појавува мигновено. Меѓу присутните беше и Влатко Стефановски, кој му честиташе на Попов со срдечна прегратка, но и режисери, актери, политичари, претставници на културниот и јавниот живот.
Сакам да се заблагодарам и на сите присутни што дојдовте на оваа свеченост. Ме радува што очигледно филмовите што сум ги работел траат во времето, одолеваат на ефемерноста која што особено во филмската уметност честопати е многу видлива. Но, Кинотеката е таа што треба да ги сочува филмовите и добива една улога како во една винарија да ги остави да созреат филмовите и потоа тие самите го покажуваат своето опстојување. Вкусовите се различни, секој има право на свое видување на филмовите, истакна Попов.
Кинотеката воведе и Специјален „Златен објектив“, кој се доделува на професионалците кои придонеле за филмското архивирање и кинотечната дејност. Ова признание денеска му беше врачено на Киро Велков, долгогодишен филмски техничар, киноапаратер и филмски архивист.
Ова е признание за луѓето од фелата, луѓето кои се задолжени за зачувување на нашето, кинотечното богатство. Овој наш колега го поминал целиот работен век во оваа институција, единствена од ваков вид во државава. Кој учествувал во градење на филмскиот архив, кој има над 50.000 наслови, испишал голем број книги, на неговата работна маса поминале илјадници филмски ленти, документи, фотографии, музејски предмети…, рече Тихомир Кашмировски .
Наградите на Попов и Велков им ги врачи в.д. директор на Кинотека , Бојан Станишиќ.
Вечерва во 20 часот ќе се одржи проекција на култниот ТЕТОВИРАЊЕ (1991), првиот игран филм создаден во независна Република Македонија кој, несомнено, и по својата содржина, одличните актерски достигнувања, познатите реплики и многу други нешта е впечатливо и единствено филмско дело. По проекцијата на филмот Столе Попов ќе одговара на прашања на публиката во Q&A сесија модерирана од Саша Станишиќ,и Јане Алтипармаков режисери од помладата генерација, инаку некогашни студенти на Попов кога тој беше професор на Факултетот за драмски уметности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.