Во пресрет на 45-ото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ Кинотеката на Македонија, фестивалот, Центарот за култура Битола организираат ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на „Браќа Манаки“.

Во Кинотека филмовите од ретроспективата „Великаните на Браќа Манаки“ се прикажуваат секоја среда од 20:00, а во Центарот за култура Битола секој понеделник од 20:00.

ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ

(Leon)

Игран филм, Франција

1994, 110 мин, 35 мм

Режија: Лук Бесон (Luc Besson)

Сценарио: Лук Бесон (Luc Besson)

Улоги: Жан Рено, Натали Портман, Гери Олдман (Jean Reno, Natalie Portman, Gary Oldman)

Директор на фотографија: Тиери Арбогаст (Thierry Arbogast)

Матилда има само 12 години, а веќе ја познава мрачната страна на животот. Нејзиниот насилен татко препродава дрога, нејзината мајка постојано ја запоставува. Леон, во брилијантно одиграната улога на Жан Рено, е професионален убиец кој живее во близина на дисфункционалното семејство на Матилда. Корумпираниот полицаец  и специјален агент Стенсфилд (како и секогаш одличниот Гери Олдман) при една наместена рација ги убива родителите на Матилда. Малото девојче се здружува со Леон Професионалецот, кој започнува да се грижи за Матилда и да ја подучува.

Долгометражниот акциски-драма филм е во режија на Лук Бесон. Бесон, кој е автор и на оригиналната филмска сторија, го концепирал проектот како своевидно продолжение на неговиот претходен филм La Femme Nikita. Токму во тој филм се појавува и Жан Рено, во улогата на најмениот убиец Виктор, лик кој се појавува и во Pulp Fiction. Натали Портман, фантастично уверлива како Матилда, актерски дебитира во ова остварување. Филмот во француска продукција, претежно е снимен на локација во Хобокен, Њу Џерси. Продукцијата Гамон го презентираше филмот на средината на 1990-те години. Освен по одличните улоги, проектот беше запаметен и по популарниот саундтрак на којшто се наоѓаа хитовите на Стинг и Бјорк. Популарен во деведесеттите, филмот денес се смета за култно издание меѓу филмофилите, и е цитиран во книгата на познатиот драмски писател и критичар Марк Спиц-Poseur: A Memoir of Downtown New York City in the ’90s. Многу филмски проследувачи го сметаат ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ за последен, вистински искрен и квалитетен филм на Лук Бесон, пред тој да ја започне сопствената холивудизација. Од денешна дистанца гледано, ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ е белег на едно време и една естетика, ретко успешен crossover на холивудска и европска кино поетика.

Директор на фотографија на ова остварување е Тиери Арбогаст, инаку редовен соработник на Бесон, и еден од најпознатите и најнаградувани франкофонски сниматели. Освен со Бесон, Тиери Арбогаст има соработувано со Метју Касовиц, Брајан Де Палма, Емир Кустурица, како и со нашиот режисер Владо Цветановски на проектот ТАЈНАТА КНИГА.

ЛЕОН ПРОФЕСИОНАЛЕЦОТ (1994), снимен од францускиот кинематографер Тјери Арбогаст, добитник на Наградата на публиката на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2006 година, како и трикратен добитник на наградата Цезар за најдобра фотографија и на Големата награда за техничко достигнување на Канскиот филмски фестивал. Освен по соработката со својот постојан соработник, режисерот на „Леон професионалецот“ Лик Бесон, Арбогаст е познат и по соработките со Матје Касовиц, Брајан Де Палма, Андре Тешине и Емир Кустурица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.