Филмот „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, вечерва ќе биде премиерно прикажан во Синеплекс.
Дебитантскиот филм на Алексов, кој беше прикажан на затворањето на фестивалот „Браќа Манаки“, е по сценарио на Александар Русјаков и ќе се прикажува во кино „Милениум“, како и во други кина низ Македонија. Алексов во филмот ја обработува љубовта како тема, а главните улоги ги толкуваат Тони Наумовски и Сара Климоска. Работен е како македонско-српска копродукција со мнозински домашен удел. Покрај „Маинд продукција“, во неговото создавање беше вклучена и „Дрим фектори Македонија“, како и српската продуцентска куќа „Терирем“.
„Од утре нели премиерата и почнува да игра на репертоар во Скопје, во кино Синеплекс. Ќе игра, исто така и во „Милениум“ во Скопје, а од 19 октомври почнува да игра и во Штип и во Велес, во Киноверзум. Понатаму ќе следи дистрибуција која е локална, македонска пред сѐ. Филмот зборува за љубовта, затоа што едниот лик наоѓа љубов, каква што никогаш немал, а другиот лик наоѓа повторно смисла за животот поради некои трауми, поради кои ја изгубил вербата во љубовта и во животот“, изјави Илија Циривири, продуцент на филмот од „Маинд продукција“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.