Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе“ во режија на Сузана Диневски – „Сузи Кју Продукција“ ja освои 11-та филмска награда на 10-то издание за ,,Независни женски филмски награди од Лос Анџелес” (LA Independent Women Film Awards). Годишните и двомесечните квалификациски награди за ,,Независни женски филмски награди од Лос Анџелес” е натпревар посветен на жените уметници во медиумите и се фокусира на меѓународни и американски филмски, како и сценариски проекти. Годишната програма на фестивалот насловена: ,,Женски објектив” нуди настани во живо, вмрежување и прикажување на филмови во режија на жени додека паралено се прикажуваат наградуваните филмови во текот на годината во Беверли Хилс преку Студио скрининг. Во фокусот се теми што опфаќаат прашања поврзани со размислувањата на жените, нивните судбини, животни услови, стравувања и женски ставови. Воедно, со оваа награда, актерката Сара Климоска за улогата во филмот „Шеќерни луѓе“ ја освои својата 5-та по ред награда за најдобра актерка.

12-та награда за филмот „Шеќерни луѓе“ е награда за сензитивност доделена од меѓународно жири на Првиот меѓународен филмски прекуграничен фестивал од Париз (International Film Festival Transcending Borders) во категоријата на кратки филмови од БиХ и соседниот регион, заради вклучување на сензуалниот и интелектуалниот елемент со што се нагласува сензитивноста во наративниот дел на филмот.

13-та награда за филмот „Шеќерни луѓе“ е награда за најдобар актерски ансамбл за Сара Климоска и Филип Трајковиќ на филмскиот фестивал Токуо Shorts.

„Шеќерни луѓе” на 11.02.2023 во 19:30ч. во Gallery Theatre имаше второ прикажување на Cambria Film Festival во Калифорнија, САД. Првото прикажување беше на 10.02.2023, во 12ч. во Cambria Center for the Arts Theatre, а од 12.02 – 19.02.2023 ќе биде достапен на онлајн стриминг преку фестивалот. Шестото издание на филмскиот фестивал во Камбрија ги слави приказните за романтиката, романтичната комедија и сложеноста на љубовта.

Краткометражниот игран филм „Шеќерни луѓе” е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“. Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.