На францускиот актер Жерар Депардје кој беше повикан на сослушување по обвиненијата за сексуален напад, а потоа бил испратен во притвор во Третото одделение на париската полиција, му е укинат притворот, соопшти париската полиција.

Две жени го обвинија Депардје за сексуални напади за време на две различни снимања: првиот пат во 2014 година, за време на снимањето на „Волшебникот и сијамските близнаци“ на Жан-Пјер Моки и вториот пат во 2021 година, за време на снимањето на „Зелените прозорци“ на Жан Бекер, пишува парискиот весник Фигаро.

Првата пријава ја поднела 24-годишна помошничка на филмски сет во 2014 година. Таа во јануари годинава поднела пријава за „полов напад врз ранливо лице од страна на лице кое ја злоупотребувало положбата“.

Втората пријава, поднесена во февруари годинава за „сексуален напад, сексуално вознемирување и сексистичка навреда“, дојде од 53-годишна филмска декоратерка.

Легендарниот француски филмски актер беше обвинет во декември 2020 година за „силување“ и „сексуален напад“ по пријава на актерката Шарлот Арно, која го тужеше за две силувања во неговиот дом во Париз на крајот на август 2018 година.

Пријавата на актерката Елен Дарас, која го обвини Жерар Депардје дека сексуално ја нападнал за време на снимање на филм во 2007 година, беше поднесена кон крајот на декември 2023 година, а шпанската новинарка и писателка Рут База исто така поднесе тужба во Шпанија за силување против Депардје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.