Светската премиера на долгометражниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката Петра Селишкар ќе се одржи во рамките на официјалната програма на 29. Сараево филм фестивал.
Најновиот документарен филм на Петра Селишкар ќе се натпреварува за наградата „Срцето на Сараево“ за најдобар документарен филм заедно со 20 документарни остварувања селектирани од Рада Шешиќ, која посочува: „Филмовите на многу начини се инспиративни за гледачите, па дури и кога прикажуваат многу трауматични вистини, во себе носат енергија на позитивност.“ Филмскиот фестивал во Сараево ќе се одржи од 11 до 18 август.
„Тело“ е трогателен долгометражен документарен филм на веќе потврдената режисерка Петра Селишкар, кој опфаќа период од две декади за необичниот живот на нејзината блиска пријателка Уршка, која се бори со ретки автоимуни болести. Некогаш манекенка, а денес професионална пијанистка, Уршка се соочува со огромен број предизвици, но никогаш не го губи својот нескротлив дух. Филмот е спој на интимни разговори, лична архива и креативна визуализација кој ги истражува мистериите на човечкото тело и моќта на уметноста и пријателството да допре до неговата суштина. Бурно патување кон исцелувањето и себеприфаќањето.
Петра Селишкар (родена 1978 г. во Љубљана) е режисерка, продуцентка и сценаристка. Има способност јасно да ја види суштината во скриените детали, а преку нив и суштината на уметноста, културата, природата и сите аспекти на животот. Затоа таа го посветува нејзиното време на оваа планета на малите животни задоволства, и секако, на документарниот филм. Како режисерка и сценаристка ги потпишува документарните филмови „Збогување“, „Мојот превртен свет“, „Мама Европа“, „Бабички на револуцијата“, а има и повеќе остварувања каде се појавува како продуцент.
Во креативната екипа со која режисерката Петра Селишкар го реализира документарниот филм „Тело“ се кинематограферот Бранд Ферро како директор на фотографија, монтажерите Сашко Потер Мицевски и Сандра Басташиќ, композиторот на музиката Владимир Ракиќ, додека дизајнери на звук се Владимир Ракиќ и Вера Галешев.
Продуцент на филмот е Петра Селишкар со „Петра Пан Филм“ (Словенија). Копродуценти се Сара Ферро од ППФП (Македонија) и Тамара Бабун од „Волфганг и Доли“ (Хрватска). Придружен продуцент е Виктор Еде од „Синефаж продукција“ (Франција).
Филмот е копродукција помеѓу Словенија, Хрватска и Македонија со поддршка од Словенечкиот филмски центар, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Агенција за филм на Република Македонија, „Еуримаж“, Програмата Медиа на „Креативна Европа“, Pегионот Прованса-Алпи-Азурен Брег. Светски дистрибутер на филмот е „Лајтдокс“ (Lightdox).
Поддршка за развој проектот доби од „Ex oriente Workshop“, „Eurodoc 2019“, „Last stop Trieste 2022“– Flow Digital Cinema Award, International Documentary Association (IDA).
„Петра Пан филм“ е словенечка продуцентска компанија основана во 2003 г. од словенечката режисерка Петра Селишкар и директорот на фотографија Бранд Ферро. Продуцира креативни документарни филмови и уметнички играни филмови кои се целосно посветени на индивидуалната визија и авторството, како и на долгорочни истражувачки теми.
ППФП е македонска продуцентска компанија основана во 2007 година, која е водена од Сара Ферро. Таа е една од малкуте продуцентски куќи во Македонија што се фокусира строго на авторските документарни филмови.
Македонската премиера на документарниот филм „Тело“ е планирано да се случи на 14. Фестивал на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.