Од 14 до 16 ноември годинава во Белград ќе се одржи Српска ревија на македонскиот филм. Замислена е како тридневен настан што ќе понуди филмски проекции од врвни македонски автори, збогатени со музички и уметнички програми, претворајќи го настанот во вистински празник на македонската култура и уметност. Македонската култура, и особено македонскиот филм и музиката, се дел од богато наследство, каде традиционалните и современите вредности се испреплетуваат на еден возбудлив начин што луѓето во Србија често го чувствуваат како свое. Ова чувство произлегува не само од заедничкото општествено-политичко минато, туку и од уметничките врски меѓу овие простори, каде културата и уметноста служеле и продолжуваат да служат како поврзувачка нишка на Балканот.

СОДРЖИНА/ ПРОГРАМА НА РЕВИЈАТА
Ревијата на македонскиот филм ќе се одржи во три дела: филмски, музички и културно-деловен сегмент.

ФИЛМОВИ
Филмскиот дел, како централна компонента, вклучува: документарни, краткометражни, и долгометражни играни филмови, како и македонски класици (во соработка со Кинотеката на Македонија) и филмски журнали (во соработка со Филмските новости на Србија). Посебен куриозитет се филмските журнали – досега необјавени архивски материјали од Филмските новости, кои ќе прикажат сегменти од животот во Македонија.

Фестивалот го отвора светски признатиот документарен филм „Медена земја,“ двојно номиниран за Оскар и победник на Санденс фестивалот, со што го обележа историјата на македонската и светската кинематографија. Проекцијата ќе биде проследена со разговор со режисерката Тамара Котевска, која ќе ги пренесе уникатните искуства од работата на овој филм и преку мастер клас со студентите по филмска режија.

Посебно место во програмата зазема и култниот филм „Дае“ на режисерот Стојан Попов, првиот македонски филм номиниран за Оскар во категоријата најдобар краткометражен филм 1980. година, како и краткометражни филмови како наградуваниот филм „Северен Пол“ на Марија Апчевска, кој освои преку 19 награди и беше номиниран за Златна палма на Канскиот фестивал, и филмот „Бубачки“ на режисерот Игор Иванов Изија, кој го доби Златниот леопард на Локарно филмскиот фестивал.

• Ден 1 – Отворање
19:00ч
– Журнали: Филмски новости
– Проекција: „Медена Земја“
– Q&A со режисерката Тамара Котевска
– Коктел со музика на бендот Пијан Славеј, вина од винаријата Тиквеш и сирења од Кораб Трница

• Ден 2
17:00
– Мастер клас со Тамара Котевска
19:30
– Журнали: Филмски новости
– Проекции: „Дае“ и „Тетовирање“, автор Столе Попов

• Ден 3 – Затворање
17:00
– Краткометражни македонски филмови
Проекции: „Северен Пол“ (Марија Апчевска), „Бубачки“ (Игор Иванов), „Човек со чудна навика…“ (Вардан Тозија), „Елена“ (Дина Дума), „Ливада“ (Митко Панов)
19:30
– Журнали: Филмски новости
– Завршна проекција: „Панкот не е мртов“
– Разговор со Владимир Блажевски
– Коктел со музиката на Игор Василев Новоградска, вина од винаријата Тиквеш и сирења од Кораб Трница

МУЗИЧКИ ДЕЛ

Македонската музика отсекогаш била симбол на македонската култура.

Музичкиот дел на ревијата ќе ја претстави македонската музика која е од суштинско значење за културното наследство на земјата. Бранислав Николов, фронтмен на групата „Пијан славеј“ и текстописец и фронтмен на култниот македонски бенд Фолтин, ќе настапи со своите уникатни композиции. Пијан Славеј е едно од највозбудливите изненадувања на ревијата.

Игор Василев Новоградска, композитор и музички иноватор, ќе го презентира својот репертоар, познат по својата соработка со Милчо Манчевски и неговите електронски и амбиентални композиции кои освојуваат публика ширум светот. Неговиот настап ќе го надополни културниот доживување, спојувајќи аудиовизуелни впечатци со темата на фестивалот.

Настанот ќе се одржи од 14 до 16 ноември во УК Пароброд, Белград. Директор на ревијата: е Јорданчо Петковски, а уметнички директор е Вардан Тозија, во организација на продуцентските куќи ФИЛМОСКОПИЈА од Србија и НЕСТ Продукција од Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.