На 30 јули (ВТОРНИК) во 20:30 часот и на 31 јули (СРЕДА) 20:30 часот ќе се одржат проекции на македонскиот филм „Медена ноќ“ на режисерот Иво Трајков.

Во јулската програма Кинотеката во фокус го стави македонскиот филм и прикажа остварувања од нашата национална кинематографија, со постар, но и со понов датум на реализација.

Токму оваа месечна понуда на КИНОТЕКА покажува дека нашата кинематографија и тоа како има значајни дела, наслови кои предизвикуваат своевиден земјотрес, на емоции, на впечатоци. Пред сè, тие претставуваат извор на инспирација за помладите, а благопријатен флешбек за постарите кино-проследувачи, велат оттаму.

МЕДЕНА НОЌ

(Honey Night)

Игран филм, Македонија

2015,  89 мин., колор, ДЦП

Режија: Иво Трајков

Сценарио: Иво Трајков

Улоги: Никола Ристановски, Верица Недеска

 

 

Скопје, рани 1990-ти години, прослава на Национален празник на од неодамна формираната независна држава Република Македонија, истовремено и 10-годишнина од бракот помеѓу Никола, заменик-министер, и неговата сопруга Ана. Приказната започнува со нивното враќање дома од приемот кај Премиерот. Во текот на линеарното дејствие кое се одвива во една ноќ во која кулминира мрачната криза на главните протагонисти, проследуваме флеш-бек секвенци од приемот кои ја следат втората наративна линија на оваа приказна каде се отсликува професионалниот живот и искушенијата на Никола, инволвиран во еден политички скандал во неговото министерство поради кој се уапсени министерот и неколку негови соработници.

Тие се свесни дека нивниот дом е прислушуван и точно знаат во кои простории се инсталирани уреди за прислушување. Ана, разочарана дека Никола заборавил на нивната годишнина, започнува расправија. Никола, пак, обземен од стравот поради апсењата и дека и него го очекува истата судбина, упорно се обидува да го пронајде извештајот за приватизација на едно државно претпријатие, кој самиот го изготвил, а е причина за скандалот. Негова главна цел и преокупација е да го уништи извештајот и сите останати докази кои ги чува во својот дом, а кои го поврзуваат со случајот. На врвот на нивната расправија, тајната полиција се појавува во нивниот дом… По нивното заминување, Ана и Никола откриваат дека насекаде во куќата се инсталирани уреди за прислушување, дури и на места каде што сметале дека ги нема. Во новонастанатата ситуација, Ана заборава на својот гнев и е обземена од страв за судбината на својот сопруг. Тие повеќе не се расправаат. По долгата исцрпувачка ноќ, Никола решава да се помири со својата судбина и да го чека утрото. Но…

 

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.