Со прикажување на кратки филмови, изложба, мјузикл и сè што сработија учесниците на фестивалот, вечерва во киното „Милениум“ во Скопје ќе биде спуштена завесата на 12. „Џифони Македонија“. Како што е најавено, на последниот ден ќе гледаат по уште еден игран филм, и гласаат за најдобрите играни, кратки, анимирани и ученички филмови во секоја од трите категории. Вечерва исто така ќе бидат соопштени и имињата на најактивните ученици што ќе добијат награда да учествуваат на „Џифони Италија“.

Гостин на фестивалот вчера беше и режисерот Вардан Тозија, кој го промовираше неговиот филм „М“, што беше дел од фестивалската програма.

Ова издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ беше богато со гости, интересни разговори, а тие беа обединети под името Edu Cuts Talks конференција. Edu Cuts мрежата што ги поврзува филмските фестивали и организации фокусирани на промоцијата и на имплементацијата на образованието и мобилноста на младите таленти. Мрежата е дел од проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, проект поддржан од Европската Унија, чија цел е да го зајакне дијалогот на Западен Балкан, поттикнувајќи ги културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание, соопштија од фестивалот.

Како што посочуваат, голем интерес кај младите вчера предизвика презентацијата на CinEd – европската програма за филмско образование создадена во 2015 година, со сеопфатен дигитален и мултијазичен пристап што олеснува пристап до европските филмови и го проширува образованието за филм. Ивана Шешлек и Миа Марос Живковиќ од асоцијацијата Shadow Casters од Загреб, која е членка на оваа организација ја презентираат дигитална платформа на оваа програма и образовните можности кои ги нуди. Беа прикажани два експериментални филмови снимени во рамките на нивни филмски училишта. Нивната презентација ги предизвика на богата дискусија младите кои особено се заинтересираа за оваа програма.

Ја користиме оваа платформа за да го доближиме филмот до младите преку училиштата. Филмското училиште Restart дава одлични резултати. Филмовите објавувани на платформата одат на 13 јазици и на тој начин некој од кој било европски јазик може да ги разбере и филмовите од Балканот, рече Шешлек.

За младите беше интересна и презентацијата на групата „Аспирин продукција“, составена од млади, главно средношколци кои ги снимаат своите први филмови.

Како дел од Edu Cuts конференцијата, беа претставени тројца млади автори кои се дел од програмата „Докуникулци“ на Фестивалот на креативен филм „Македокс“. Александра Петровска („Хелоу Алекс“), Калин Маџовски („Уживајте во кањонот“ и Марко Иван Кочишки („Винил вртлог“) зборуваа за своите искуства истакнувајќи дека најинтересен дел е работењето заедно, односно секој член на докуникулци се вклучува во сечиј проект.

Исто така, вчера беа прикажани и три филма на млади што учествувале на Teen Doc програмата на фестивалот „Интеракција“ во Ужице, Србија. Можноста да се учи и да ги создадат своите први дела за нив била бесцената. Било голем предизвик да се соработува со врсници со кои тогаш се запознале, па да се надминат некои гледишта и чие решение да се одбере, вели Срна Георгиевска.

На конференцијата Edu Cuts Talks зборуваа директорот на „Џифони Македонија“, Дарко Башески и претставници на мрежата од неколку земји од регионот – Слаѓана Петровиќ-Варагиќ од Србија, Мирза Ќустовиќ од Босна и Херцеговина и Енес Лекиќи од Косово.

Башески рече дека фестивалот постои заради младите луѓе што сакаат филмови и сакаат да растат и да се развиваат во оваа уметност. Сите може да се вклучат во работилниците или да дојдат во „Џифони Македонија“ каде може да добијат посериозна опрема за да снимаат филм, поткаст или други содржини.

Тука сме и можеме заедно да растеме. Најважно од сè е да не се откажувате. Заследувајте фестивали на интернет, аплицирајте на проекти. И да ве одбијат, не се откажувајте. Бидете упорни – рече Башески.

Ќустовиќ ја нагласи позитивната страна на вмрежувањето. Филмот е колективна уметност и ни помага да пораснеме како луѓе. А фестивалите се место каде младите луѓе може да се запознаат, да се вмрежат, да се развиваат и да научат да бидат професионалци.

Во Приштина минатиот месец се одржаа уште две работилници на кои учествуваа млади од Македонија и од Косово кои правеа кратки филмови. На Edu Cuts работилницата за студенти „Кино Кабаре“ учесниците направија 3 кратки филмови. Лекиќи нагласи дека на Балканот тешко се снимаат филмови и затоа копродукции се неопходни. На работилницата Creative YEES која се одржа во неговото Финско школо на Косово учествуваа дваесетина средношколци од училиштето кои заедно со четирите учесници од Скопје во тек на 5 ден создаваа кратки филмови и поткасти.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, Министерство за култура на Италија и Италијанската амбасада во Скопје, British Council преку проектот Culture and creativity for Western Balkans, RYCО со Youth Cultural Fund, Пакомак и др.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.