Со македонска премиера на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски ќе биде отворено деветто издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“ кој ќе се одржи од 16 до 20 октомври под мотото „Што е прво? Филмот или приказната“, беше соопштено на денешната прес-конфренција.

Што е прво? Уметникот или институцијата од каде ја добива поддршката? Фестивалот или неговите гости и филмовите, или ефектот кој истиот го има на филмската дејност, на унапредувањето на филмското образование, и крајно на подигањето на општествената свест и нивото на културното живеење во државата? Што е прво? Би прашал. Државата или граѓанинот? Прво е заедничкото или поединечното, индивидуалното? Или можеби обете? Звучи субверзивно. Да, знам. Да, „Киненова“ е роден така, да биде субверзивен, критички-ориентиран, контроверзен и провокативен фестивал, но не доволен сам на себе, туку со цел да биде ангажиран и во полза на општествените потреби и промени кон целокупниот интелектуален развој и созревање на општеството, изјави денеска на прес-конфренцијата Небојша Јовановиќ, директор на Фестивалот.

Јовановиќ говореше за вечната борба на сценаристите и режисерите, кој е прв, кој е поважен и од кого почнало сè. Сценаристот или режисерот, сценариото или визијата на режисерот?

Небојша Јовановиќ, директор на Фестивалот „Киненова“ и селекторот Игор Анѓелков / Фоти: Киненова

Да, борбата е откога постои филмот и ќе постои секогаш без разлика дали некогаш од истата ќе произлезат длабоки и нерешливи конфликти или креативна дисусија која ќе даде нов квалитет и ќе го унапреди развојот на самото филмско дело, додаде Јовановиќ.

Фестивалот ќе почне со македонската премиера на „Јон Вардар против галаксијата“ филм кој е во исто време дел од главната натпреварувачка програма.

Се работи за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите никогаш, истакна Јовановиќ.

За селекцијата на филмови кои ќе може да се погледнат во текот на фестивалските денови пред присутните говореше Игор Анѓелков, селектор на главната програма.

Предјубилејното издание на „КинеНова“ ни носи шест силни авторски остварувања од различни кинематографии. Живееме во пост-ковид времиња кога сè е возможно, па затоа решивме годинашниот фестивал да понуди еден микс од еклектични филмски жанрови, кои сепак ги поврзува една заедничка нишка – внатрешната човекова борба против најголемиот непријател, самиот себе, а потоа и против Другиот, непознатиот, оној што живее во злобниот паралелен универзум, рече Анѓелков.

Оваа година „Фокус на…“ е на финската кинематографија.  Оваа програма во склоп на овогодишното 9. издание ќе го означи првото претставување на финската современа кинематографија пред македонската публика и јавност. На програмата се два филма од финските автори кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали. Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација фински синеасти започна да го освојува светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа.

„Киненова“ секоја година дава значаен и суштински придонес во надополнување на филмското образовани во државата, преку специјализирани работилници.

Оваа година имаме автентична работилница за развој на идеи и сценарија за кратки филмови кои се засноваат или се инспирирани од реални случувања, конкретен настан или постоечки лик. Работилницата, низ специфичен и јасно дефиниран процес ќе ја води професорката, драматург и сценарист од Атина, Ерини Демирцаки, информираше Јовановиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.