Вечерва, во Кинотека на Македонија, со почеток во 20:00 часот ќе биде прикажан култниот македонски филм „Тетовирање“, во режија на легендата на нашата филмска сцена, авторот Столе Попов.

Режисерот, по подолго време, официјално ќе биде присутен на настанот, а по проекцијата ќе следи разговор со него модериран од филмаџиите и кино куратори Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков.

ТЕТОВИРАЊЕ
(Тatoo)
Игран филм, Македонија
1991, 132 мин, ДЦП
Режија: Столе Попов (Stole Popov)
Сценарио: Mирко Коваќ, Живојин Павловиќ, Столе Попов ( Mirko Kovac, Zivojin Pavlovic, Stole Popov)
Улоги: Мето Јовановски, Лиљана Меџеши, Стојан Аранџеловиќ (Meto Jovanovski, Liljana Medjesi, Stojan Arandzelovic)

 

Приказната на овој антологиски домашен филм е за кантеларна, но симпатична индивидуа која се наоѓа во затвор од апсурдни причини, а потоа умира како жртва на полициска бруталност.

Култниот игран филм ТЕТОВИРАЊЕ е еден од најгледаните, најцитирани и највлијателни долгометражни играни филмови во поновата македонска историја. Особено се истакнува брилијантната ролја на Мето Јовановски, кој всушност за цело време стои како стожерна актерска фигура во проектот. Како основа за филмот послужи текстот на писателот Мирко Ковач, а неговата финална структура ја направија заеднички режисерот Попов и белградскиот синеаст Живоин Павловиќ.

 

Режисерот Попов во овој филм го остава настрана предложениот сценаристички преттекст и се обидува да направи посебна визуелна структура, каде што апсурдното ќе го најде својот изразен простор. Во „Тетовирање“, егзистенцијалните, односно судбинските проблеми и прашања, се судираат со проблемите на човековата вера, која не мора нужно да биде религиозен чин, и тие проблеми го доведуваат јунакот до една етичка конфронтација со себе, но и со другите. Режисерската постапка на места е строго реалистичка, на места дури и со натуралистички навеви, но сите тие елементи само помагаат да се ослободи онаа вистинска драмска енергија што ова дело, без сомнение, ја содржи во голема мера. Снимателот на филмот, Мишо Самоиловски, успева да постигне максимална функционалност на секој кадар, а тоа истото важи и за сценографијата на Никола Лазаревски.

Рон ХОЛОВЕЈ (1933-2009), познат и признат американски критичар, историчар на филм, режисер и дописник, беше голем поборник на ТЕТОВИРАЊЕ. Во еден негов осврт кон филмот, тој го опиша како „уште еден извонреден актерски перформанс од Мето Јовановски како ’губитникот’ Илија и беше еден вид навремен социокритички филмски документ што придонесува за едно демократско општество“„.

 

Награди:
• 1992 Номинација за наградата “Феликс“ на Европска Филмска Академија соодветна на Американскиот “Оскар“ -најдобри 7)
• 1991 ФФ, Херцег Нови, Гранд При, Прва награда „Златна мимоза“ за режија на Столе Попов
• 1991 ФФ, Ниш, Гранд
• 1992 Македонски кандидат за Оскар
• 1993 Виена, Збогом Југославија – Виенале ‘93, Антологија од 33 филма

Возрасна категорија: 16 години

Влезница: 150 денари



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.