8. издание на фестивалот за краток филм „Drim Short 2024“ оваа година ќе се одржи од 8-ми до 11-ти август во Струга.

Осум лета, една идеја за бесконечност. „Слободата“ денес е тема која често се користи, а ретко се ползува. Слободата, која е безброј пати злоупотребена, погазена, украдена и прелажана. Слободата, која денес е заробена од „слободниот свет“.

 

Затоа осмото издание на фестивалот ќе се одржи со идејата за „Бесконечна слобода“, за оние кои измислуваат нови универзуми и за оние кои патуваат низ нив, за оние кои веруваат и за оние кои не веруваат. Слободата е болест што не се лекува. А филмот е една бесконечност од светови, фантазии и имагинации, во кои слободата не завршува онаму каде што почнува слободата на другиот. Денес кога реалниот свет е посуров од филмската фикција, тогаш бесконечноста е нашиот придонес кон слободата.

Фестивалската програма ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во интернационална, регионална, студентска поддржана од Europe House Struga и специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со Форум ЗФД Скопје, во селекција на нашиот драг соработник Иван Бакрач. Со цел промоција на македонскиот филм и македонските филмски автори, фестивалот и оваа година ќе ја претстави програмата „MK Special“ чиј победник го избира публиката. Фестивалот продолжува со VR програмата каде ќе се прикажат кратки филмови во специфичен формат.

 

Во едукативниот дел од фестивалот ќе проследиме два мастеркласови, како и една дискусија за филм на тема ,,Соочување со минатото” во соработка со Форум ЗФД Скопје, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот.

Музичката програма оваа година е посветена на македонската музика. Фестивалот ќе го отворат Фолтин со целовечерен концерт, додека фестивалот ќе го затвори групата Искра, која со себе носи информации од иднината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.