Пет филма на полскиот режисер Јержи Сколимовски ќе бидат прикажани на Неделата на полски филм која од денеска до 10 декември ќе се одржува во Кинотеката. Кариерата на Сколимовски трае повеќе од 60 години, а неговите филмови од шеесетите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија.
Филмската ревија вечер од 20 часот ќе биде отворена со неговиот филм „Ео“ кој ја освои наградата од жирито на 75. Кански филмски фестивал и влезе во потесниот избор на „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023 година.
„Ео“ е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови. Приказната го следи животот на магарето Ео. Откако ќе биде избркано од патувачки циркус, Ео го започнува своето патување низ кое наидува на секакви луѓе… Сколимовски додава уште една димензија на приказната и ја истражува визијата за модерна Европа низ очите на магарето кое си ја бара слободата, наведува Кинотеката за последниот филм на Сколимовски.
Утревечер на програмата е неговиот дебитантски филм од 1965 година – „Белези на идентификација“, во кој самиот режисер го игра главниот лик. Тоа е и првиот филм од циклусот за судбината на Анджеј Лешчиќ – млад, чувствителен човек, изгубен во комунистичкото полско општество кој очајнички бара излез од безнадежното и бесцелно секојдневие.
Третиот филм од ретроспективата на Сколимовски ќе биде прикажан в петок – „Бариера“ од 1966, во кој тој продолжува со својата опсесија со животите на младите луѓе во комунистичка Полска. На програмата в сабота (9 декември) е филмот „Лесна победа“ од 1965 во кој Сколимовски ја продолжува приказната за неговото алтер его, Анджеј Лешчиќ.
„Лесна победа“ е едно од ремек-делата на полскиот нов бран од средината на 1960-тите години. Тоа е пример на филмскиот модернизам кој во дрскоста, отфрлањето на авторитетите и револтот има доста заедничко со филмовите од францускиот нов бран, наведува Кинотеката.
Неделата на филмови од творештвото на Сколимовски ќе заврши в недела (10 декември) со филмот „Рацете горе“ од 1981, за кој Кинотеката во освртот кон неговите филмови посочува дека е можеби најценетиот филм на Сколимовски – „филм за товарот на сталинистичкото минато на Полска“ кој бил 18 години забранет за прикажување во комунистичка Полска, „што е и главна причина зошто Сколимовски набрзо потоа ја напушта земјата“. Новата верзија на филмот е премонтирана и се додадени нови архивски снимки.
Проекциите на петте филма на Сколимовски во Кинотеката ќе почнуваат во 20 часот. Влезот за посетители е бесплатен.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.