Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ) годинава по 14. пат ќе се одржи од 7-13 јуни во Кинотеката на Македонија и во негови рамки ќе бидат прикажани повеќе од 35 филмови во повеќе категории, ќе има излагања и вовед во некои од филмовите, како и предавање на еден од гостите. Организатори на фестивалот се Филозофското друштво на Македонија во соработка со Филозофскиот факултет во Скопје и Кинотеката на Македонија.

Мотото на овогодинешното издание на ФФФ е „Неред меѓу редови“ и е инспирирано од американската експериментална режисерка со украинско потекло, Маја Дерен (1917-1961), која, како што велат од организацијата, и 60 години по нејзината смрт ќе зборува дека и уметноста е кореографирана од потенок конец, танц на рамнотежа, возвишен акт на балансирање меѓу хаосот и редот.

Богатата филмска програма е организирана во повеќе програмски сегменти и тоа: Ревијална програма: филм-философијаПридружна програма (со фокус на Дерен)Едукативна програма и две компетитивни програми: Официјална селекција на долгометражни филмови и Официјална селекција на краткометражни филмови.

Она што е новина во овогодинешната програма е сегментот на Селекција на видеоесеи, избрани од Ивана Мирчевска, македонска интердисциплинарна уметница.

„Видеоесеите се од различна природа, дискутираат теми кои покриваат необични нешта како утробите на китовите, перифериите на градот, маргините на интернетот, трансформациите на глината…“, наведе Виктор Јованоски, координатор на Придружната програма, на вчерашната прес-конференција.

Проекциите во рамките на Придружната програма, Селекцијата на краткометражни филмови и Селекцијата на видеоесеи ќе бидат бесплатни, додека билетите за другите филмови ќе чинат 150 денари.

Гостин оваа година на фестивалот ќе биде српскиот филозоф Иван Миленковиќ, кој на 10 јуни (понеделник) со почеток од 12 часот на Филозофскиот факултет во слушална 8 ќе одржи предавање на темата „Кантовата недруштвена друштвеност“, односно ќе зборува за прашањата на филозофот Имануел Кант за тоа како да се формира заедница која ќе опстане и покрај постојаните конфликти, и покрај отпорот што луѓето го негуваат против заедницата.

Додека пак, жири-комисијата која ќе одлучува кој ќе ја добие наградата „Златен був“ е составена од Славица Србиновска, професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје, Иван Миленковиќ, гостинот од Србија, и Јане Спасиќ, македонски филмски и театарски режисер.

„Официјалната селекција на долгометражни филмови и фестивалот ќе ги отвориме овој петок (7 јуни) со ‘Затвори ги очите’ од Виктор Ерисе, еден режисер кој има митска кариера, како што велат некои критичари. Во 50 години филмско творештво ова е неговото четврто долгометражно филмско остварување“, најави Ана Дишлиеска-Митова, директорка на Фестивалот.

Проекцијата на овој филм, а со тоа и фестивалот, ќе започне од 20:30 часот во летното кино „Мирно лето“ во Кинотеката.

Вториот ден, односно во сабота (8 јуни) во Кинотека со почеток од 18 часот ќе биде прикажана Придружната програма, односно видеоесеите „Мрежи на попладнето“, „На копно“, „Студија на кореографија за камера“, „Ритуал во преобразено време“, „Размисли за насилството“ и „Продорното око на ноќта“ на Маја Дерен, во кои присутните ќе ги воведе Ивана Мирчевска.

Додека пак, од 21 часот во летното кино ќе се прикаже долгометражниот филм на Раду Жуде „Не очекувај премногу од крајот на светот“.

„Во филмот на Раду Жуде станува збор за една социјална критика на неправедноста, нехуманоста и апсурдноста на современиот капитализам. Овој филм, како што вели Жуде, на самиот почеток е во разговор со еден постар романски филм ‘Ангела продолжува напред’ на Лучијан Брату, снимен во 80тите“, откри директорката.

Дополнително, во овој сегмент во исто време и на исто место ќе се прикажат и филмовите „Во лушпата на Златниот кожурец“ од режисерот Тјен Ан Фам (9 јуни), „Прозаични стихови“ од Али Асгари (10 јуни) и „Граѓанинот светец“ од Тинатин Кајришвили (11 јуни).

Селектор на овие долгометражни филмови е професорот Кирил Трајчев со кого, како што вели директорката на Фестивалот, соработуваат веќе со години. Овие 5 филмски остварувања од последните 2 години доаѓаат од Шпанија, Романија, Виетнам, Иран и Грузија.

Темите кои нас нѐ интересираат се за сеќавањата и идентитетот, социјална критика на капитализмот, или на авторитарноста, моќта и контролата во општествата, како на пример Иранското, но и темите на верата и на смртта“, додава Дишлиеска-Митова за овој дел од програмата.

Понатаму, во неделата (9 јуни) од 18 часот во Кинотека ќе се прикаже првата половина од Официјалната селекција на краткометражни филмови. Во овој сегмент за првиот ден се одбрани филмовите „Montanea“ од Шарлот Луј, „15 минути“ од Себастијан Немо Арансибија, „Промена“ од Амали Марија Нилсен, „Мониста“ од Рафаела Камело, „Маден“ од Малин Ингрид Јохансон, „Силуета“ од Сава Доломанов, „На автопатот на едно скршено срце“ од Никос Кирицис и „Големата експлозија“ од Карлос Сегундо.

Додека пак, наредниот ден во исто време и на исто место ќе се прикажат останатите краткометражни филмови „Чучуе / Си беше еднаш…“ од режисерот Амартеи Армар, „Лимоново дрво“ од Рејчел Волден, „Ништо од сето тоа“ од Патрисио Мартинез, „Неемиц / И подолго од засекогаш“ од Јудаџит Басу, „Жими мајка и да ми умре најмилото“ од Сам Манакса, „Тло“ од Педро Варгас, „Сеќавања на една празна куќа“ од Бруно Карниде и „Мојата девојка“ од Кавтар Јунис.

„Овие 16 краткометражни филмови доаѓаат од повеќе земји. Имаме филмови од Франција, Чиле, Данска, Бразил, Шветска, Чешка, Грција, Гана, САД, Аргентина, Шпанија, Индија, Филипи, Португалија, Египет и сите се во конкуренција за наградата за најдобар краткометражен филм според жири комисијата, но и според публиката“, наведе Андреј Медиќ, координатор на Фестивалот.

Тој нагласи и дека во оваа селекција се доделува и едно специјално признание „Стефан Сидовски-Сидо“ кое ФФФ го воведе пред неколку години во чест на професорот Сидо кој долги години беше дел од тимот на Фестивалот. А филмот кој ќе ја освои оваа награда ќе добие и уметничка слика од македонската уметница Соња Чингарова Фотева.

„Сите овие филмови се продуцирани минатата година, односно 2022-2023, и  најголемиот дел од нив ги имале своите премиери на некои од најпрестижните филмски фестивали, како Канскиот филмски фестивал“, додаде Медиќ.

Среда (12 јуни) од 18 часот ќе биде прикажана Селекцијата на видеоесеи, која ги вклучува „Периферија“ од Бо Мајбаум, „На црвената, бојата на вжарената земја“ од Ника Печарина, „Механика на флуиди“ од Гала Ернандес Лопес и „Длабоко во окото и стомакот: дел I“ од Сем Вилијамс.

Како што вели координаторот на фестивалот, Ревијалната програма е една од стожерите на фестивалот затоа што овде е филозофското во филмот или филмското во филозофијата. Во нејзини рамки годинава ќе се прикажат филмовите „Убавината на порокот“ од Живко Николиќ за кој излагање ќе има Миленковиќ на 11 јуни од 18 часот во Кинотека, „И сепак Лоренс“ од Гзавие Долан во кој професорката Слободанка Марковска ќе ја воведе публиката на 12 јуни од 21 часот во „Мирно лето“.

Фестивалот ќе се затвори на 13 јуни со почеток во 20:30 часот во „Мирно лето“ со доделување на наградите и филмот на Чарли Чаплин „Златната треска“, за кој излагање ќе има гостинот Стивен Фридман од САД.

Едукативната програма веќе се реализираше преку прикажување на средношколската видеолектира „Али: Стравот ја јаде душата“ од Рајнер Вернер Фасбиндер и работилници за млади и деца со Атанас Чупоски и Мартин Поповски за што беа доделени и награди.

Исто така, како вовед во Придружната програма беше прикажан и филмот „Во огледалото на Маја Дерен“ од Мартина Кудлачек, со излагање на Мирчевска.

Повеќе детали за 14. Филозофски филмски фестивал може да најдете на следниов линк.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.