Документарниот филм „Патување пеш“ на македонската режисерка Тамара Котевска свечено ќе отвора два престижни светски филмски фестивала, во Токио, Јапонија, како и Фестивалот на документарен филм во Фолкстон, Англија. Покрај Токио и Фолкстон, филмот е во официјална селекција во Лос Анџелес, Лондон и Париз. Се најавува домашна и јапонска дистрибуција на филмот.

Отварањето токму на фестивалот во Фолкстон претставува огромна чест за Тамара Котевска и англиските продуценти GRAIN MEDIA бидејќи патувањето на сириското дете бегалче Амал во Англија почна токму од овој град каде бегалците преминуваат од Франција, преку Ла Манш, во Англија и токму тука се судираат со најжестокиот отпор на англиската полиција. Организаторите на фестивалот изјавуваат дека отварањето на Фестивалот за документарен филм во Фолкстон токму со The Walk е покажување пркос на англиските радикалци и обид повторно да се сврти вниманието на жителите на овој приморски град кон еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат во своето секојдневие.

Веднаш по премиерата во Англија, „Патување пеш“ патува на фестивалот Le Grand Bivouac, кој се одржува во Абервил (северо-источен регион на Париз) Франција. Овој фестивал е со фокус на современите индивидуални и колективни општествени проблеми, а филмот e во официјална селекција и ќе биде прикажан вечерта на 21 октомври, 2024.

Ноемвриската тура на фестивали за „Патување пеш“ ќе биде одбележана со свечено отварање на International Refugee Film Festival Tokyo 2024 на 7ми ноември.

Веднаш по Токио, филмот на Котевска ќе биде истовремено прикажан во двата мегалополиси: Лондон и Лос Анџелес. Во Лондон, ќе биде дел од 12тото издание на European Psychoanalytic Film Festival, на 16ти ноември 2024. New Filmmakers Los Angeles Film Festival се случува од 14-17 ноември и во фокус се млади автори кои настапуваат со својот прв или втор филм.

The Walk изминатата година ја имаше светската премиера на престижниот интернационален фестивал за документарни филмови во Њујорк DOC NYC, Европската Премиера на GENEVA INTERNATIONAL FILM FESTIVAL OF HUMAN RIGHTS Женева, по што имаше 5 проекции на престижниот фестивал за документарни филмови во Копенхаген CPH DOX, а Котевска во чест на филмот беше повикана да одржи свечен говор на Венецискиот Филмски Фестивал 2023. Филмот имаше преполна македонска премиера на затварањето на домашниот фестивал за документарни филмови Македокс, по што композиторот Дуке Бојаџиев одржа моќен концерт од музиката на The Walk која ја компонираше.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.