Од 13 до 18 мај во Кинотека ќе се одржи XXIV издание на „Неделата на италијанскиот филм“.

Веќе добро познатиот фестивал ќе понуди избор од шест филма кои ја претставуваат современата италијанска кинематографска продукција – впрочем сите филмови се издадени во 2023 година и се добитници на бројни престижни национални и меѓународни награди – а вториот елемент што ги обединува е темата „промени“ во смисла на непредвидени ситуации, неочекувани врски, лични избори, историски и општествени преобразби и уметнички доживувања.
Отворањето на фестивалот ќе се одржи во понеделник на 13 мај со извонредното филмско достигнување „И утре е ден“, сценарио и режија на Паола Кортелези којашто ја толкува и главната улога во нејзиното режиско деби. Филмот – покрај тоа што забележа рекордна заработка во италијанските киносали во 2023 година – беше високо оценет не само во Италија, туку и во странство за неговата режија, извонредна глума на актерската екипа, но и поради длабочината на прашањата што ги третира кои се однесуваат на патријархалната култура, родовото насилство и правата на жените. Сведок за уметничката и културната вредност на „И утре е ден“ е неговиот триумф на фестивалот на Италијанската филмска академија каде што освои 6 награди Давид ди Донатело – едно од најпрестижните италијански филмски признанија – 3 победи на 18-то издание на Римскиот филмски фестивал, како и награда за филм на годината на фестивалот Сребрени ленти во 2024 година.
Во вторник, 14 мај, ќе биде прикажан „Командант“ – делото што го отвори 80-тото издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција – во режија на Едоардо Де Анџелис. Филмот ја оживува на големото платно вистинската приказна на Салваторе Тодаро, легендарен херој од Втората светска војна кој во 1940 година бил командант на подморницата Капелини на италијанската Кралска морнарица, фантастично реконструирана токму за снимањето на овој филм, во секој нејзин детал и во природна големина. Се работи за прекрасен блокбастер “made in Italy“ со огромна емотивна моќ што ни предочува дека морепловниот закон преовладува над која било војна. Филмот, чиј протагонист го глуми извонредниот Пјерфранческо Фавино, предизвика позитивни реакции кај јавноста и критичарите.
Во среда, 15 мај, фестивалот ќе продолжи со „Грабнатиот“, најновиот филм на Марко Белокио – познатиот режисер добитник на Златна палма за животно дело во 2022 година и 7 статуетки Давид ди Донатело – кој црпи инспирација од книгата „Случајот Мортара“ на Даниеле Скализе. Играниот филм ја раскажува вистинската приказна за Едгардо Мортара, еврејско дете кое било крстено во тајност, а во 1858 година било одземено од неговото семејство за да биде воспитано во католичката вера, под контрола и старателство на папата Пио IX, што предизвикало интерес и од страна на меѓународната заедница. Преку овој потресен и трогателен настан и внимателната реконструкција на епохата во која се одвива дејството, „Грабнатиот“ се развива во фасцинантна приказна за предвечерието на националното обединување, кога моќта на Црквата се наоѓа во опад.
Четврток, 16 мај, на програмата е „Благодарам, момци“ во режија на Рикардо Милани, режисер на некои од најуспешните комедии издадени во последните години во Италија. Со овој филм се нурнуваме во животот на Антонио, актер кој е во потрага по цел, толкуван од незаборавниот Антонио Албанезе и поддржан од екипа на исклучителни актери. Приказна за надежта која гледа подалеку од неповолните околности, за искупувањето и, пред сè, за јунаците кои имаат храброст да веруваат во трансформативната моќ на уметноста.
Во петок на 17 мај ќе биде прикажан „Нелагодна љубов“, во режија на Бепе Фјорело, во неговото филмско и режисерско деби. Филмот е слободно инспириран од вистински настан кој се случил на Сицилија во 1980 година: наводно самоубиство на двајца тинејџери. Режисерот нè носи во Сицилија во 1982 година. Додека на телевизија се пренесува Светското првенство во фудбал и Италијанците се надеваат дека ќе го освојат светскиот куп, двајцата протагонисти случајно ќе се судрат со нивните скутери, а несреќата ќе стане повод за да станат пријатели, а можеби и нешто повеќе.
Најпосле во сабота на 18-ти мај манифестацијата ќе се затвори со прекцијата на „Сто недели“, во режија на Антонио Албанезе, воедно и главна улога во филмот кој на деликатен и емотивно умешен начин ја раскажува приказната за неправдата којашто ќе погоди многу Италијанци, мали штедачи кои, како и главниот лик, ќе бидат предадени од алчноста на банкарскиот систем. Сепак, филмот ја истакнува не само социјалната драма, туку и силата на семејните врски и пријателството.
Сите филмови се со титлови на македонски и англиски јазик и влезот е бесплатен.
Проекциите ќе започнат во 20:00 часот.

Неделата на италијанскиот филм, организирана од Италијанската амбасада во соработка со Институтот за Култура во Белград и Кинотеката на Република Македонија, годинава се реализира благодарение на Проектот ITALIAN SCREENS промовиран од Генералната дирекција за филм и аудиовизуелни уметности на Министерството за Култура на Италија, од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, во соработка со Филмската академија на Италија и со организациската поддршка на Чинечита.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.