Во „Куршумли-ан“, во старата скопска чаршија, започна јубилејното 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, кој ќе трае до 22 август.
Филмската програма на отворањето на фестивалот се состои од проекција на два документарни филма. Краткиот документарен филм „Како се мери годината?“ (САД, 2022, 29 мин.) на Џеј Розенблат го следи континуитетот во комуникацијата помеѓу татко и ќерка. Режисерот Џеј Розенблат седумнаесет години по ред ја снимал ќерка си Ела на нејзиниот роденден, поставувајќи ѝ ги истите прашања. Во само 29 минути гледаме како едно девојче расте од заодуваче во млада жена со сите убави, а понекогаш и непријатни периоди помеѓу, додека врската со татко ѝ се развива со сите свои сложености. Во рамките на главната фестивалска програма е и долгометражниот документарен филм „Целулоидно подземје“ (Обединето Кралство / Иран, 2023, 80 мин.) на иранскиот автор Ехсан Кошбахт. По завршувањето на Иранската револуција, настојчив филмски колекционер во Техеран станува нетипичен херој кога храбро решава да спаси илјадници филмови од канџите на новиот исламски режим. Иако е извесно дека го чекаат апсење и мачење, тој одлучно ја чува својата скапоцена тајна – приказната за отпорот и опсесијата, видена низ очите на момчето што му го чува грбот. Приказната се отплеткува на филмското платно години подоцна, откако ќе заминат во егзил во Лондон, сликајќи возбудлив портрет на постреволуционерен Иран.
Јубилејното 15-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ се одржува со мотото „Копање емоции низ времето“. Тематскиот фокус годинава е ставен на кинотечните архиви од повеќе држави. Ќе бидат прикажани филмови од Централниот државен филмски архив на Албанија, Хрватскиот државен архив, Националниот филмски институт на Унгарија, Словенечката кинотека, Архивот на југословенската кинотека, Црногорската кинотека, Бугарскиот национален филмски архив, Романскиот национален филмски архив и Кинотеката на Македонија. Програмата ќе биде отворена вечерва, во 21 часот, во „Куршумли-ан“, со проекција на филмови од архивата на македонската Кинотека.
Многубројните филмски наслови што годинава ги донесуваме од сите кинотеки на Балканот се доказ дека имаме од што да учиме, ако сакаме. И дека само ако го чуваме сето она што е запишано и меморирано, ќе можеме одново да го читаме и толкуваме и да го користиме во нови приказни. Архивите се тука и за да ни ги доотворат очите, да ни ја доближат и другата страна од приказната, па и третата и да нè соочат со нашите сопствени убедувања. Без архивите тешко дека ќе можеме да разбереме зошто светот е ваков каков што е или, пак, да го преиспитаме нашето место во него како социјални, политички и романтични души, посочува Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот.
Во рамките на тематската одредница на фестивалот во сегментот „Македокс+“ ќе се одржи работилница за архивски практики во филмот со наслов „Замислување архиви“. Работилницата ќе се одржи од 15 до 19 август, во студиото „Фх3х“, со менторите Кумјана Новакова, режисерка чие авторство се базира врз истражување, а работи и како филмска кураторка и предавачка, и Влад Петри, романски филмски режисер со голем интерес за политички и општествени теми.
Работилницата ќе спои четири внимателно избрани режисери или тимови. Во фокус е идентификувањето различни стратегии и можности за визуелно конципирање на архивите, со што се проширува креативниот опсег при снимањето филм. Преку ова интензивно заедничко искуство учесниците ќе имаат можност да се приближат до суштината на секој филмски проект, дискутирајќи за различните потенцијални пристапи за секој филм во кој се користат архивски материјали.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.