Овогодинешниот 79. филмски фестивал во Венеција ќе биде домаќин на многу познати личности од 31 август до 10 септември.

Oд актерите, потврдено е присуството на Пенелопе Круз и Кејт Бланшет, а од режисерите, Дарен Аронофски, Алехандро Инариту и Лука Гвадањино

Во трката за престижниот „Златен лав“ за најдобар филм ќе се натпреваруваат 23 филма.

Оваа година фестивалот е замислен како прозорец отворен кон светот,рече уметничкиот директор на Мостра, Алберто Барбера, во онлајн презентација, и притоа остро го осуди притворањето на тројца филмаџии во Иран.

Во конкуренција ќе биде филмот на еден од нив, Џафар Панахи, кој треба да одлежи шестгодишна затворска казна за „пропаганда против режимот“. Насловот на филмот е Kherst Nistu („Мечките не постојат“).

Франција годинава е особено добро застапена со дури пет филмови во конкуренција – Les enfants des autres („Деца на другите“) од Ребека Злотовски, Un couple („Пар“) од Фредерик Вајсман, Les miens („Мои“), семеен филм на Рошди Зем за бунт во предградијата и Saint Omer („Свети Омер“) на Алис Диоп, прв филм за чедоморство.

Францускиот режисер и писател Флоријан Зелер им ги понуди улогите во неговиот филм Le fils („Синот“) на Хју Џекман, Лора Дерн и Ентони Хопкинс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.