Политичкиот трилер „Касапско оро“ дебитантски долгометражен филм на режисерот Срѓан Јанаќијевиќ почна да се снима денеска на падините на Средно Водно.
Филмот ќе биде сниман на локации низ Скопје во период од три недели. Работен е по сценарио на Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, режијата е на Срѓан Јанаќиевиќ, директор на фотографија е Дејан Димески, а продукцијата е на Ново македонско видео, односно Њу Момент.
Во филмот играат: Никола Ристановски, Дарја Ризова, Сашко Коцев, Оливер Митковски…
За Јанаќијевиќ филмот по жанр е политички трилер и, според него, ќе биде визуелно впечатлив за да ја долови тензијата и борбата на главните ликови во потрага по правда и во корист на вистината и јавниот интерес.
Додека тече професионалната и лична приказна на Бодан и Софија, интензивното дејство, кое се случува паралелно во само 24 часа, ќе ги внесе гледачите и во приватниот хаос на ликовите во потрага по правда, во морално амбивалентен свет, вели Јанаќијевиќ.
Во општество полно со корупција, уредникот ветеран Бодан и амбициозната млада новинарка Софија, независно еден од друг, откриваат скандалозно видео. Одбивајќи да бидат замолчени од закани и мито, се соочуваат со опасна мрежа од политика, интриги, корупција и секс-скандали. Филмот навлегува во темниот, груб свет на моќта и хипокризијата кои влијаат врз секој слој од општеството.
Еден од сценаристите, Сашо Кокаланов, вели дека ова е филм за лажниот морал, не само на политичарите или на новинарите, туку на целото општество.
Филмот не претендира да биде перцепција за македонското новинарство. Тоа е само некаков поширок контекст за една многу конкретна приказна. Ликовите од приказната не се пресликани реални личности, но се градени со многу „позајмици“ од лепеза вистински ликови од нашето општествено и медиумско милје – вели Кокаланов.
Според Дуковски, „Касапско оро“ е приказна за фанатична храброст преку големи лични жртви да се добие Донкихотовска борба против крајно корумпираниот и криминален режим на власт кој е спремен на сѐ за да ја задржи.
Со голема веројатност сѐ да остане само уште едно мочање во ветер, приказната што ја раскажуваме го потенцира фактот дека основата на сите демократски општества е во слободата на медиумите кои на тој начин се и контрола на власта во однос на јавното мислење. Ова подразбира медиуми кои не се купени и не работат за ничии интереси. Слободни новинари за кои вистината мора да биде единствен интерес – вели Дуковски.
Работите никогаш не се црно-бели и тоа е главниот постулат во сценариото. Ама така е и во животот, вели Ристановски, објаснувајќи го ликот на Бодан кој го толкува во филмот.
Секое наше дејство, секој акт, секоја постапка, ни се враќа како бумеранг. И затоа ни се потребни критериуми според кои ќе го изградиме ликот, критериуми кои се неопходни за дел по дел да го составуваме мозаикот. Не постојат морални норми кои се генерални и употребливи секој ден, дури и секој час, така што секој нов момент е ново парче во мозаикот. Светот на медиумите не е одвоен од сите останати светови околу нас, само што тука има поголем концентрат. Впрочем, како и во мојата професија. Овој свет не се одвојува од целото милје, само што тука интензитетот на сите случувања е на квадрат споредено со сите останати. Рефлексиите се посилни, реакциите се подраматични и повидливи – вели Ристановски.
Дарја Ризова, лицето на едната страна во решавањето на предизвиците на новинарската професија, вели дека е инспирирана од ликот на Софија и потрагата по нејзините мотиви, односно нејзината лична приказна, како и границата до која таа е подготвена да отиде.
Во држави со дисфункционален или корумпиран правен систем како нашиот, оваа професија е и една од најризичните. Освен тоа, истражувачките новинари не се никогаш доволно платени, земајќи ги предвид личните жртви и одрекувања. Силата на овие медиуми зависи од независноста, а таа од изворот на финансирање. Филмот е објективен и реалистичен. Случувањата се доволно општи за да избегнат дневна политика, а на моменти неизбежно асоцијативни со случувања од нашето блиско и далечно минато – вели Ризова.
За ефектот од начинот на кој оваа тема ќе биде филмски обработена, извршниот продуцент Сашо Пешев од Њу Момент вели дека очекува интерес во јавноста и меѓу љубителите на филмската уметност бидејќи во центарот на дејството ги има изложеноста и предизвиците на новинарската професија во транзициска држава каде што политиката, корупцијата и криминалот одат заедно.
Филмот е финансиран со минималниот буџет од Агенцијата за филм бидејќи е дебитантски филм на Срѓан Јанаќијевиќ и затоа има продукциски предизвици кои треба умно и креативно да бидат решени.
Дел од филмот се случува во автомобил, а за тоа квалитетно да се сними се потребни посебни технички предуслови. Донесовме специјална опрема и приколка од Словенија и верувам дека ќе успееме да го добиеме визуелниот израз што го сакаме – вели Пешев.
Последниот кадар на „Касапско оро“ е планиран за крајот на јуни, во текот на летото ќе влезе во фаза на продукција и пост продукција и наесен ја очекува премиерата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.