Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас, вели Гоце Цветановски, режисерот на првиот македонски долгометражен анимиран филмм „Јон Вардар против Галаксијата, кој викендов во Шпанија, на „Ситџес фантастик филм фестивал“ имаше светска премиера.

Цвтановски вели дека во публиката имало и Македонци од Барселона кои допатувале во Ситџес за да го проследат филмот.

Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со Јон Вардар напишавме историја, и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември, вели режисерот Цветановски.

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата” ја имаше својата светска премиера на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал“, еден од најголемите жанровски фестивали во светот.

Филмот во режија на Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” беше прикажан во фамилијарната секција. Капацитетите на салата беа исполнети, главно со најмладата публика која енергично ја дочека македонската анимација.

Режисерот Цветановски имаше кусо обраќање, пришто на шпански јазик им кажа на децата дека се првите во светот кои ќе го гледаат филмот, на што тие реагираа со воодушевување.

Цветановски по настанот изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата” почна возбудливо, најавувајќи уште многу убави вести наскоро. Во рамки на фестивалот во Ситџес, анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.

„Јон Вардар против галаксијата” е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, многу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси.

Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.

Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во кино-салите низ Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.