Домот на партнерката на Ален Делон, Хироми Ролен, што се наоѓа во предградие на Париз бил претресен по двете судски претставки од трите деца на легендата на францускиот филм, во коишто се вели дека „го подложила на морално малтретирање“ Делон (87), но и самите нив. Роленги негира таквите обвинувања.

Децата на Делон – Анушка, Ален-Фабијан и Антони Делон поднесоа жалба на 5 јули. Тие го осудија „понижувачкиот и агресивен однос“ на неговата „придружничка“, како и „нејзините постапки насочени кон поштата и телефонските пораки на глумецот и ударите што му ги нанесувала на неговото куче“, се вели во соопштението на обвинителот.

Во потпишаната декларација приложена кон жалбата се наведува дека Ален Делон се придружува кон неа“, се додава.

Антони Делон поднесе втора жалба за „намерно насилство и секвестрација против ранлива личност, злоупотреба на слабост и морално малтретирање“. Прелиминарната истрага почна на 6 јули.

Хироми Ролен, беше протерана на 5 јули од имотот во Души. Таа ги оспори обвиненијата и поднесе жалба на 7 јули.

Според адвокатот на децата на Делон, Кристоф Ајела, „по кардиоваскуларната несреќа на г-дин Ален Делон во 2019 година, оваа жена која се преселила во неговиот дом станувала сè поагресивна и попонижувачка кон него и неговите деца“. Адвокатот додава дека „постојано го изолира Делон од неговите блиски пријатели и семејството, користејќи манипулации и закани“.

Ролен работела како помошничка-режисерка на неколку филмови во 80-тите и 90-тите. Како одговор на тужбата, таа го претстави своето гледиште во документ од 39 страници испратен до обвинителот во Монтаржи. Во него таа го негира зборот „придружничка“ и зборува за „интимна врска“ со Ален Делон, кого го запознала 1989 година. Таа објаснува дека се преселила во куќата во Души во 2006. за тие да „живеат како двојка“. Ролен, исто така, инсистира дека децата на филмската ѕвезда „никогаш не ја прифатиле“ нивната љубовна врска.

Откако глумеше во повеќе од 90 филмови, меѓу кои „Роко и неговите браќа“, „Гепард“, „Базен“, „Зоро“, во 2017 година Ален Делон објави крај на филмската кариера. Глумецот доживеа мозочен удар летото 2019 година. На Филмскиот фестивал во Кан претходно, во мај 2019 година, Делон беше награден со почесна Златна палма за неговиот траен придонес во кинематографијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.