Меѓу присуство и отсуство | Телата во егзил често се сметаат за одвишни, на кои им се пристапува со воопштувачки, обесхрабрувачки претстави на опасност или на сожалување, преку технологии на надзор или со филантропски кампањи. Двата избрани филма го пренесуваат искуството на режисерите како прекаријатни субјекти во ситуации каде кревкоста доаѓа до израз, а тие сепак продолжуваат, истрајуваат, размислуваат и сонуваат. Независно од тоа дали чекаат заробени во водата или во сивите простории за азил, двата филма евоцираат водно чувство, апстрактна визија за реалноста, временско продолжување кое е во контраст со ургентноста на доживеаните ситуации.

Далеку сме од Амфиоксус, Камал Џафари, 2019, Германија, 16 мин.

Една старица се наведнува кон младичот со жолтата книга што седи до неа и го прашува: „Што делат овде?“; „Броеви“, одговара тој. Во чекалните во Берлин, каде металните и дрвените седишта се заковани на земја, луѓето пристигнуваат откако ќе излезат од морињата. Тука чекаат. Краткиот филм на Камал Џафари го разрушува времето, доведувајќи ја во прашање смислата на животот во систем во кој човештвото е сведено на бројка, а вредноста на нечија иднина се мери со апликации низ сиви ходници. Овој надреален филм го набљудува потеклото на нашето битие наспроти иднината на тоа како нè дефинираат. Далеку сме од Амфиокус, сите дојдовме оттаму.

Виолетово Море, Амел Алзакут и Калед Абдулвахед 2020, Германија, 67 мин.

„Гледам сè“, вели таа, како да е проклетство. Сјајна сончевина, чисто сино небо. Морето е мирно, врамено со парче ограда. Мирен момент – ако се занемари тоа дека морето стои исправено, вертикално, како водопад. Наплив од слики: исукување, ничкосување, тресење. Луѓе во чамецот, луѓе во водата, врисоци, елеци за спасување, свирежи за итен случај. И веќе нема хоризонт, нема небо, ни горе ни долу: само длабочина, без нешто за што би се задржале. Дури и текот на времето запира, се згрчува во бруталната сегашност. Таа снима и зборува. Да се победи уморот, студот, фактот дека помош не доаѓа. Да се победи умирачката, само за нешто да остане.

Проекцијата ќе биде во јужната тераса на музејот во четвртoк, (13/06/2024), 21 часот.

Филмовите се предложени од Делфин Лекас, која курира програми за прикажување, уметнички изложби и мултидисциплинарни настани за фестивали, уметнички организации и музеи низ Европа и на Блискиот Исток. Таа беше уметничка директорка на „Rencontres internationales des cinémas arabes“ (Марсеј, 2016-2020). Коосновачка е на непрофитната организација AIN (Париз, 2008) што се фокусира на современи уметници од арапскиот свет. Во Дамаск (1998-2011) раководела со културната програма во Францускиот културен центар и со изложбената програма за манифестацијата „Дамаск, арапска престолнина на културата“. Неодамна нејзината патувачка програма „Којзнае што ќе донесе вчера?“ во соработка со locus athens, беше прикажан на Македокс, во МСУ Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.