Режисерот Џејмс Камерон не е сигурен дека „Аватар: Патот на водата“ (Avatar: The Way of Water) ќе постигне таков успех на бокс-офисот како првиот дел, кој веднаш влезе во списокот филмови од милијарда долари.
67-годишниот режисер го сними долгоочекуваното продолжение на научно-фантастичната епопеја од 2009 година – филм со најголема заработка на сите времиња – но, за „Емпајер“ вели дека нема гаранции дека новиот филм ќе биде толкав хит во кината.
Ако заработиме 20 или 30 отсто помалку од оригиналот, зашто ни пазарот веќе не е ист, тоа би било лошо. „Троловите“ ќе направат тоа да изгледа како никој да не му е грижа и дека, небаре, никој нема да може да се сети на имиња на ликовите или на едно проклето нешто што се случило во оригиналниот филм – изјави Камерон.
Режисерот откри дека новиот филм ќе биде подолг од вообичаеното за прикажување во кината, но рече дека не сака гледачите „да лелекаат“ за тоа, при фактот што минуваат часови гледајќи телевизија.
Не сакам никој да се жали на должината, кога седи и гледа (ТВ, б.п.) осум часа… Речиси можам да го напишам овој дел од критиките однапред: „Измачувачки долгиот тричасовен филм“… Ги гледав моите деца како седат и гледаат пет едночасовни епизоди по ред – додаде Камерон.
Режисерот призна дека и се двоумел дали воопшто вреди да се прави продолжение.
Морав долго и напорно да размислувам дали всушност и сакам да направам уште еден „Аватар“ бидејќи беше многу тешко и ризично. Кога си направил нешто што е толку „трансцендентно“ во успехот, дали навистина сакаш да се обидеш повторно? Размислував за тоа две години пред конечно да се одлучам – вели Камерон.
„Аватар: Патот на водата“ излегува во декември 2022 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.