Актерот Џорџ Клуни откри во неодамнешното гостување во емисијата на Џими Кимел дека на само 13 години му била дијагностицирана Белова парализа, абнормалност на фацијалниот нерв што предизвикува ненадејна слабост или парализа на мускулите на едната страна од лицето.

Сѐ започнало откако Кимел „извадил од нафталин“ фотографија од Клуни од неговите млади денови.

 

 

Било очигледно дека на прв поглед изгледа необично, а Клуни објаснил за што се работи. Актерот рекол дека на фотографијата има Белова парализа, дека половина лице му е парализирано и дека во тинејџерските години се борел со овој здравствен проблем.

Според клиниката Мејо, во повеќето случаи симптомите на Белова парализа исчезнуваат по извесно време, но кај некои луѓе можат да остават последици кои траат цел живот.

Знаците на Белова парализа се појавуваат ненадејно и може да вклучуваат нагла појава на слабост, па  дури и целосна парализа на едната страна од лицето, опуштеност на лицето и тешкотии во мимиките на лицето, како што се затворање на окото или насмевка, зголемена создавање плунка, болка во вилицата или ушите, зголемена чувствителност на звуци, главоболка, како и губење на вкусот.

Instagram
Фото: Инстаграм

Во ретки случаи, Беловата парализа може да влијае на нервите на двете страни на лицето.

Точната причина за оваа болест е непозната, но експертите веруваат дека е предизвикана од оток и воспаление на нервот кој ги контролира мускулите на едната страна од лицето. Исто така, Беловата парализа може да биде предизвикана од реакција која се појавува по вирусна инфекција во организмот. Симптомите обично почнуваат да се подобруваат во рок од неколку недели, а само во многу ретки случаи болеста се појавува повеќепати.

Џорџ Клуни зборуваше за тоа и претходно, а во неговиот случај тоа траело околу девет месеци и се случило кога бил прва година средно училиште.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.