Во скопските кина „Домаќинство за почетници” ќе почне да се прикажува од утре, 12 октомври.

Филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски, кој е дел од овогодинешната селекција за 36. издание на Европските филмски награди, доби номинација и за Европската универзитетска филмска награда – European University Film Award (EUFA), која е една од категориите на Европските филмски награди за која гласа жири составено од студенти од 25 универзитети од 25 земји во Европа.

Номинираните пет филмови од 5 европски земји се избираат од селекциите од играни и документарни филмови за Европските филмски награди 2023. Останатите четири филма номинирани за наградата се францускиот „Анатомија на пад“ во режија на Џастин Триет, „Зелена граница“ на режисерката Агнешка Холанд, британско-грчката копродукција „Како да се има секс“ во режија на Моли Менинг Вокер и германскиот „Сала за наставник“ на режисерот Илкер Чатак.

Европската филмска академија ја лансираше Европската универзитетска филмска награда – European University Film Award (EUFA) во 2016 година, заедно со филмскиот фестивал во Хамбург, а во меѓувреме стана и една од официјалните категории на Европските филмски награди, за која што не гласаат членовите на Европската филмска академија, туку студенти од универзитетите учесници.  Целта на оваа награда е активно да ја инволвира младата публика, да ја шири „европската идеја“ и да го пренесе духот на европското кино до публиката помеѓу 20 и 29 години. По оваа номинација следуваат проекции на филмовите и дискусии во рамките на семинари кои ќе бидат организирани на универзитетите кои се дел од оваа програма, а во декември, по еден студент – претставник на својот универзитет – ќе присуствува на одлучувачки состанок кој ќе се одржи во Хамбург. Во модерирана дебата студентите ќе одлучат за победникот, а ЕУФА 2023 ќе биде доделена за време на церемонијата на Европските филмски награди која ќе се одржи во декември 2023 во Берлин.

Воедно, во тек е гласањето на членовите на Европската филмска академија за селектираните филмови за Европските филмски награди во останатаите категории и истото трае до 18. октомври. Членовите имаат можност да гласаат за категориите најдобар европски филм, режисер, актерка, актер и сценарио за селекцијата од играни и документарни филмови. Номинациите ќе бидат објавени на 7. ноември, по што членовите на Академијата ќе гласаат за победниците кои ќе бидат презентирани на церемонијата во Берлин.

Како што е познато, „Домаќинство за почетници“, кој е во продукција на „Лист продукција“ од Скопје, е избран и за годинашен македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“. Филмот ја имаше својата светска премиера на филмскиот фестивал во Венеција, каде ја доби Queer Lion наградата, а македонската премиера се одржа на отворањето на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

„Домаќинство за почетници“ е финансиски поддржан од македонската Агенција за филм, а преку компанијата Focus Features ќе биде дистрибуриран на територијата на САД. Интернационален дистрибутер на филмот за останатите територии е Universal Pictures, додека продажните агенти на филмот New Europe Film Sales од Полска ќе го застапуваат филмот на територија на југоисточна Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.