Друштвото на филмските работници на Македонија испрати реакција до Меѓународната организација „Филм индастри воч“ (Film Industry Watch) во врска со нивната објава/текст каде што го опишуваат случајот на македонскиот режисер Милчо Манчевски и повикуваат да се запре политичкиот прогон кон него.

ДФРМ, како асоцијација на филмски професионалци, исклучително ги почитува вашите заложби преку новинарски и академски средства да се борите да ги заштитите активните филмски работници од секакви видови злоставување. Но, овојпат, за жал, доведени сте во заблуда. Затоа се чувствуваме повикани да реагираме на вашата објава и да ви ги појасниме нештата. Бездруго, во вашата објава се споменуваат само уверувањата и аргументите на Милчо Манчевски, што претставува субјективно, а во случајов и невистинито толкување, се вели во реакцијата.

Од Друштвото посочуваат дека во име на вистината треба да се согледаат фактите, односно дека кон Милчо Манчевски, во никој случај не постои политички прогон туку се водат истраги и постапки за правен субјект „Банана филм“ во негова сопственост. Односно, правни постапки поради индиции за финансиски злоупотреби.

Овие постапки се водат пред истражните органи на РСМ, како Основното јавно обвинителство и Управата за финансиска полиција, како последица на кривична пријава поднесена од страна на Агенцијата за филм на РСМ. Според законот, додека тие не бидат расчистени со правна разврска, на „Банана филм“ и е оневозможено да располага со државни средства.  Жалбените барања на Манчевски, и неговата продукциска куќа ги отфрли и високата правна инстанца Вишиот управен суд, посочуваат од ДФРМ.

ДФРМ се уверени дека „Филм индастри воч“ ќе увиди дека реакција е избрзана како резултат на подметната манипулација од страна на Манчевски, кој себе си се претставува како жртва на политички прогон. А, всушност, дека како и секој друг граѓанин на нашата држава за кого би постел сомнеж за финансиски криминал, би одговарал според законите пред надлежните институции.

Во реакцијата се додава дека образложението на Манчевски, со кое претходно во заблуда ги доведе и првите луѓе на филмскиот фестивал во Венеција, дека тој е „свиркач“ и „укажувач на корупција“, всушност е исто така манипулација. Истовремено посочуваат дека на објавата на филмскиот фестивал во Венеција, реагираше и Агенцијата за филм на РСМ која појасни дека не станува збор за никаков политички прогон, туку за правни истраги.

Сигурни сме дека длабоко ги почитувате етичките, моралните и правните начела врз кои се темели работата на продуцентите насекаде во светот, особено кога станува збор за пари кои се насочуваат во филмската уметност од страна на државната каса.  Ние како филмски професионалци, кои исто така соработуваат и се во партнерство со бројни европски здруженија и асоцијации, најмногу од се сѐ водиме кон начелата на европскиот филмски свет, кој е колегијален и солидарен. Затоа, ве молиме да ја повлечете објавата, бидејќи таа е невистинита и неоснована. Ве уверуваме дека Друштвото на филмски работници на Македонија стои во заштита на филмот и филмските работници и доколку постои било каков вид на стигматизација или политички прогон кон било кој филмски автор во нашата земја, ние жестоко ќе реагираме, стои во реакцијата од Друштвото на филсмки работници на РСМ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.