Музичарот на легендарната група „Ју ту“ Боно Вокс се појави на црвениот килим пред премиерата на филмот Kiss the Future со кој беше отворен 29. Сараевски филмски фестивал.

Покрај Боно, во главниот град на Босна и Херцеговина дојдоа уште единаесет луѓе, меѓу кои и првиот соработник на Боно, гитаристот на U2 Дејвид Хауел Еванс, попознат како The Edge, пренесуваат босанските медиуми.

Овогодинешниот Сараевски филмски фестивал го отвори филмот „Бакнете ја иднината“ (Kiss the Future) во режија на Ненад Чичин-Шаин, чие сценарио го потпишаа Чичин-Шаин и Бил Картер.

Филмот е продуциран од Мет Дејмон и Бен Афлек за Pearl Street Films и Сара Ентони за Good Wolves Production. Извршни продуценти на филмот се Дру Винтон, Медисон Ејнсли, Алан Молони, Џенифер Пичер, Ненад Чичин-Шаин и Бил С. Картер.

Во филмот станува збор за актуелна приказна за отпорот на Сараево за време на опсадата на градот во 90-тите години и ја следи алтернативната сцена на градот, која ја користеше музиката и уметноста за да предизвика промени и да привлече светско внимание, а повоениот концерт на U2 беше прослава на победа на градот.

Во филмот настапуваат: Боно, The Edge, Адам Клејтон, Бил Клинтон, Кристијана Аманпур, Мирсад Пуриватра, Весна Андрее Заимовиќ, Сенад Заимовиќ, Енес Златар, Алма Чатал Хурем, Борис Шибер и Срѓан Гино Јевѓевиќ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.