ТВ-серијата „Авантурите на една турбофолк-принцеза“ на продукцијата ОХО освои главна награда за серија во развој на 29. „Сараевски филмски фестивал“, што е најновиот проект на продукцијата ОХО во развој на авторите Андреј Волкашин и Петар Влчев.
„Авантурите на една турбофолк-принцеза“ ја освои престижната награда на Хрватскиот аудиовизуелен центар, што се доделува во рамките на „СинеЛинк индустриски денови“ на „Сараево филм фестивал“. Серијата го следи патот на шармантната и несмасна девојка Васка во остварувањето на нејзиниот сон да биде балканска музичка ѕвезда, потпомогната од нејзината избувлива менаџерка Ебони. Овој телевизиски проект, кој се развива во изминативе две години, годинава веќе имаше едно успешно претставување на интернационален филмски форум во Будимпешта, каде што им го привлече вниманието на продуценти и селектори на програми од Централна и од Источна Европа.

Ова е серија на која работиме веќе подолго време и затоа сме многу горди што бевме наградени помеѓу најдобрите проекти во развој од Југоисточна Европа – вели продуцентот Пеце Талески.

Наградата им беше врачена на продуцентите Пеце Талески и Илија Тирицовски во вредност од 15.000 евра, додека вкупниот буџет за реализација на овој проект изнесува 950.000 евра за првата сезона со осум епизоди по 30 минути.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.