Телевизиската серија во развој „Авантурите на една турбофолк принцеза“, проект на ОХО Продукција, ја освои главната награда на престижниот интернационален маркет за креирање, развој, продуцирање и финансирање на телевизиски содржини „Conecta“ во Толедо, Шпанија.

Како што наведуваат од македонската продукциска куќа, по одличната презентација на „Авантурите на една турбофолк принцеза“ проектот влезе во претселекција за наградата меѓу триесетина серии во развој и беше издвоен како најдобар од страна на интернационалното жири.

На доделувањето на наградите, претседателката на Жирито го оцени проектот како уникатен во својот концепт, храбар во својата тематика и гласен застапник на маргинализираните групи.

Наградата беше доделена од Советот на Европа, се состои од 50.000 евра за развој на серијата чии автори се Андреј Волкашин и Петар В’лчев.

Серијата ја раскажува социјалната и емотивната приказна за младата девојка Васка чија животна желба да стане турбофолк пејачка, ќе ја охрабри да замине од родното место, а по запознавањето со бунтовната Ебони ќе ги вкуси сите сакани и несакани животни искуства.

Овој телевизиски проект, кој се развива во изминативе две години, од ОХО посочуваат дека веќе имаше едно успешно претставување на интернационален филмски форум во Будимпешта, каде го привлече вниманието на продуценти и селектори на програми од Централна и Источна Европа.

По освоената награда на CineLink на минатогодишниот Сараевски филмски фестивал, ова е втора главна награда за овој проект на ОХО продукција.

Серијата е копродукција меѓу Македонија и Бугарија, а во план е да започне со снимање во првата половина на 2025 година, наведуваат од ОХО продукција.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.