Во „Кинотека“ од 13 до 18 мај во Скопје ќе се одржи 24. издание на „Неделата на италијанскиот филм“.

Веќе добро познатиот фестивал ќе понуди избор од шест филма кои ја претставуваат современата италијанска кинематографска продукција – впрочем сите филмови се издадени во 2023 година и се добитници на бројни престижни национални и меѓународни награди, а вториот елемент што ги обединува е темата „промени“ во смисла на непредвидени ситуации, неочекувани врски, лични избори, историски и општествени преобразби и уметнички доживувања.

Отворањето на фестивалот ќе се одржи в понеделник, на 13 мај, со извонредното филмско достигнување „И утре е ден“, во сценарио и режија на Паола Кортелези, која ја толкува и главната улога во нејзиното режисерско деби. Филмот – покрај тоа што забележа рекордна заработка во италијанските киносали во 2023 година – беше високо оценет не само во Италија, туку и во странство за неговата режија, извонредна глума на актерската екипа, но и поради длабочината на прашањата што ги третира, а кои се однесуваат на патријархалната култура, родовото насилство и правата на жените.

На 14 мај, вторник, ќе биде прикажан „Командант“ – делото што го отвори 80-тото издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, во режија на Едоардо Де Анџелис.

В среда, 15 мај, фестивалот ќе продолжи со „Грабнатиот“, најновиот филм на Марко Белокио – познатиот режисер добитник на „Златна палма“ за животно дело во 2022 година и 7 статуетки Давид ди Донатело – кој црпи инспирација од книгата „Случајот Мортара“ на Даниеле Скализе.

Четврток, 16 мај, на програмата е „Благодарам, момци“ во режија на Рикардо Милани, режисер на некои од најуспешните комедии издадени во последните години во Италија.

В петок на 17 мај ќе биде прикажан „Нелагодна љубов“, во режија на Бепе Фјорело, во неговото филмско и режисерско деби. Филмот е слободно инспириран од вистински настан кој се случил на Сицилија во 1980 година: наводно самоубиство на двајца тинејџери.

Најпосле, в сабота на 18 мај манифестацијата ќе се затвори со проекцијата на „Сто недели“, во режија на Антонио Албанезе.
Сите филмови се со титлови на македонски и англиски јазик и влезот е бесплатен. Проекциите ќе започнат во 20:00 часот.

Неделата на италијанскиот филм, организирана од Италијанската амбасада во соработка со Институтот за Култура во Белград и Кинотеката на Република Македонија, годинава се реализира благодарение на Проектот ITALIAN SCREENS промовиран од Генералната дирекција за филм и аудиовизуелни уметности на Министерството за Култура на Италија, од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, во соработка со Филмската академија на Италија и со организациската поддршка на Чинечита.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.