Биографскиот филм „Недела“, кој ќе го опише животот на покојниот Џеј Рамадановски започна да се снима пред две недели. Деталите за филмот продукцијата ги држи во најголема тајност, иако одвреме навреме јавноста е почестена со по некој детаљ. Така, се дознава дека музиката на овој проект ќе ја прави човекот кој за Џеј ги создаде некои од најголемите хитови, Александар Фута Радуловиќ.
Со овој проект се враќа на голема врата, по двете семејни трагедии смртта на сопругата Марина Туцаковиќ и на синот Милан Лаќа Радуловиќ.
Самиот Фута ги потврдил овие шпекулации за српски „Курир“. Вели дека бил ангажиран поради авторските права на текстовите кои ги има напишано неговата сопруга за покојниот Џеј.
„Се е регулирано што се однесува на правата уште одамна. Дури и јас се ангажирав околу музиката за некои делови од овој филм. Малку по малку се враќам и Марина тоа би го сакала и и било многу мило“, изјавил Фута.
Сценариото за филмот „Недела“ го напиша Стефан Бошковиќ, а режисер е Немања Ќераниќ. Ликот на популарниот пејач на народна музика го игра Хусеин Алијевиќ, попознат како Хуса од поранешната група „Бит стрит“.
Филмот кој го носи името на еден од најголемите хитови на Рамадановски, ќе го прикаже детството и растењето на пејачот во дом за напуштени деца, но и ќе го следи неговиот пат до славата и неговиот подоцнежен живот.
Момчето кое ќе го глуми Џеј во периодот на раната младост, како што пренесуваат српските медиуми, ќе биде непознато момче, кое ќе биде избрано на кастингот, додека во подоцнежните години од животот, пеачот ќе го играат Денис или Амар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.