Долгогодишниот партнер на Сандра Булок, фотографот Брајан Рандал, почина по тригодишната битка со амиотрофична латерална склероза (АЛС).

Со голема тага објавуваме дека Брајан Рандал почина по тригодишна битка со АЛС. Брајан одамна избра да ја чува својата битка со АЛС во тајност, а ние што се грижевме за него дадовме сè од себе за да го исполниме неговото барање. Бараме приватност во овој момент за да можеме да се збогуваме со Брајан во мир, се вели во соопштението за јавноста на неговото семејство.

Семејството на Рандал побарало донации за Здружението АЛС и Општата болница во Масачусетс наместо цвеќе, наведува магазинот „Пипл“.

Холивудската актерка првпат го запозна Брајан, модел кој станал фотограф, во 2015 година, откако го фотографирал роденденот на нејзиниот син Луис. Во една прилика сподели и дека тој е љубовта на нејзиниот живот.

Откако ја започна врската со Брајан, Сандра која и претходно не сакаше премногу да зборува во јавноста за својот приватен живот, целосно се повлече, а во една пригода откри дека тоа го прави најмногу заради нејзиниот партнер.

Мојот живот веќе одеше според плановите и се појави еден прекрасен човек што не сакаше да има ништо со мојата кариера, но тој беше вистинскиот човек за мене, рече во 2021-ва година актерката.

Не постои лек за амиотрофичната латерална склероза. Болеста е фатална, но напредува со различна брзина кај пациентите.

Луѓето со АЛС се очекува да живеат две до пет години по првите симптоми, иако 10 проценти од заболените живеат најмалку 10 години. Во некои земји тоа е познато и како болест на моторните неврони.

Оваа болест е наречена и Лу Гериг, по американскиот бејзбол играч на кој му била дијагностицирана во 1939 година кога имал само 36 години.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.