Во Домот на култура во Ѓорче Петров денеска напладне се одржа комеморација за неодамна починатиот естраден и спортски менаџер Велибор Џаровски – Џаро.
Џаро е мојата младост, моето растење, тој прв ги слушаше моите песни. Денес се навршуваат 40 дена, кога ја испраќаме душата на Џаро во вечноста. Анегдоти има милион. И сите можеме тука многу да раскажуваме, но никој не ги раскажуваше како тој самиот. Токму затоа денес ќе се осврнам на човекот Џаро, бидејќи го знаеме како ваков, онаков, секаков, токму онака како што тој си се претставуваше самиот, отворено, експлицитно. Но, малкумина рекле за него дека е добар човек, Џаро беше многу добар човек, со големо срце. Некој ме праша што за мене Џаро претставува. Џаро е мојата младост, моето растење. Со Ромео пред некој издадовме нов албум за 40 години соработка и сега ми текнува дека јас толку време го познавам Џаро. Можеби и повеќе од тоа. Јас и Ромео ја имавме таа привилегија да бидеме дел од семејството. Најпрво нему му ги давав песните да ги чуе пред да ги објавам. Тој секогаш ми кажуваше најискрено што мисли за тоа. За мене тој е како доктор Џекил и мистер Хајд. Велибор Џаровски е Џекил, а мистер Хајд е Џаро. Затоа што секогаш знаеше на кое место треба да биде едно од тие две. Многу ми недостигаше на оваа последна промоција, но за мене беше голема чест што неговото семејство, особено сопругата Виолета, беше со нас, рече Калиопи.
Настанот симболично се одржа на 40-тиот ден од смртта на Џаровски и токму на местото каде што ги организирал првите концерти и игранки.
Како што во Југославија докажував дека Македонија не е културна провинција, така и Скопје го уверив дека ни Ѓорче Петров не е провинција, рече Џаровски во автобиографската книга „Живот на коцка“ која излезе минатата година.
Идејата на овој начин да се сочува споменот на стариот ѓорчепетровец била на Општина Ѓорче Петров и на градоначалникот Александар Стојковски, кои заедно со семејството ја организираа комеморацијата.
Џаро секогаш придонесуваше за афирмација на Општина Ѓорче Петров и ја споменуваше. Токму затоа посакав еден ваков настан да имаме во чест на Џаро. Да биде како сеќавање на него, а не како комеморација. Затоа што Џаро беше поинаков тип, повесел, секогаш со народот и заслужи барем на еден ваков начин најблиските луѓе, пријателите, соработниците да му оддадат почест и дел од жителите на Општина Ѓорче Петров, рече Стојкоски.
Тој најави и други активности посветени на ликот и делото на Џаро, а на многу случки, доживувања и анегдоти се присетија македонски музички ѕвезди и пријатели на Џаро со кои соработувал и се дружел во текот на менаџерската кариера во која организираше 5.000 концерти во поранешна Југославија.
Џаро го запозав кога бев многу млад музичар, кога почнував да патувам и да свирам. Тој имаше неверојатен осет за успешни проекти. Ни пријде во еден момент и ни рече: ‘Дечки, јас ќе ви правам турнеја низ тогашна Југославија’. Џаро ми беше голема животна и професионална школа. Голем играч со слабоста на луѓето околу него, рече гитаристот Влатко Стефановски за почетоците со „Леб и сол“.
На комеморацијата говореа и водителот Александар Блажевски, Драган Мијалковски, Ранко петровиќ, музичарот Влатко Плевнеш, угостителот и пријател Саша Шотаровски и градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.
Велибор Џаровски – Џаро на 25 април годинава почина на 75-годишна возраст по кратко боледување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.