Васко Шутаров

Ѓурѓовден е! Надвор е пролет – живи сме!
Живо и долго топло лето имаме во најава, а со летото и горештините од истата најава, сигурно ќе следат редовни кампањи и совети како да го зачуваме сопственото здравје, какви заштитни фактори да користиме за заштита од сонцето, каков тип гардероба да носиме и каква храна и колку течности да консумираме (со редовните совети, за што помалку консумирање алкохол и што помалку килограми на себе, нели?).

Корисни се кампањите за добро здравје и благосостојба на телото, духот и душата, но многу ретко во таквите кампањи ќе прочитаме и совети како со заштитата од директното изложување на сонце, да се заштитиме и од директното и штетно влијание од арогантни и токсични луѓе, бидејќи времињава што ги живееме, не се одликуваат само со климатски промени, туку првенствено со промени во човековите особини во кои нарцисоидноста, егоизмот и ароганцијата стануваат доминантен модел на однесување!

Ароганцијата, која филозофите и учените низ вековите ја препознавале како одлика присутна најчесто во високите владејачки сталежи, високите војнички кругови или меѓу црковните великодостојници, денес и обичните лаици ќе ја препознаат како вообичаено однесување присутно меѓу сите општествени слоеви – од оние без знаење и образование до оние со академски звања, од најсиромашните до најбогатите, од оние со висок општествен статус до оние кои се во потрага по некаков статус.

Ароганцијата, тој така видливо наметлив социјален став кој во суштина подразбира надменост, дрскост и презирно однесување кон другите, во суштина значи преценување на сопствената вредност и сопствените вештини, како и егзибиционистичко расфрлање со сопствениот стил и начин на живеење.

Во времињава на наопаку извртени вредности, аргументите со кои се служат арогантните луѓе не мора воопшто да бидат вистинити или издржани, дури не мора ни суштински да ја допираат темата или дебатата за разговор, важно е само, по секоја цена, да се пресоздава постојано таа лажна слика за себе, дека се поголеми и поважни од другите! А во своето битие, арогантните луѓе се вистински мали луѓе со високо мислење за себе и ситни души со низок праг на самопочит кон себе!

Арогантните луѓе се во суштина, не само мали, туку и многу несигурни луѓе! Однадвор изгледаат стамено и сигурно, но на секој попаметен соговорник веднаш би му станало јасно дека тие со сопствената ароганција постојано нешто сокриваат, нешто од кое се плашат дека може да биде (раз)откриено! Ароганцијата е само заштитен штит или маскирна униформа, зад кои, за жал, не се кријат вистински големи вредности или совршени вештини, кои како такви несовршени и проблематични, треба да бидат пласирани на модерниот пазар на суети, нарцисоизам и надменост!

Нарцисоидноста е вистинско погонско гориво кое постојано го потхранува огнот на ароганцијата и за разлика од горделивоста, на арогантните луѓе им побудува потреба постојано да приграбуваат повеќе отколку што на еден нормален човек му треба и следува. Според модерната еволуциска психологија, (според проф. Џонсон и соработниците) ароганцијата е сместена меѓу човековите карактерни особини што ја создаваат класата на т.н. „темни стратегии“ за остварување на успех во животот и се наведуваат пет главни причини преку кои арогантните луѓе ги остваруваат своите зацртани цели. Една од нив е вистински сериозна причина да се држиме колку што можеме подалеку од нив, бидејќи е водена и од научното сознание, дека арогантните луѓе повеќе се занимаваат со самите луѓе (и ги напаѓаат ад хоминем!), а не со проблемите кои треба да ги решаваат! А во тие напади, навистина умеат да бидат без скрупули и без чувство дали некого би можеле и длабоко да повредат!

Бројни се животните ситуации во кои арогантните луѓе ја покажуваат својата ароганција на дело и за сметка на другите луѓе. Тоа е најмногу изразено во сферата на јавниот, а посебно во политичкиот живот, каде тие, во суштина мали луѓе, сонуваат да бидат големи и каде пронаоѓаат простор за остварување на своите големи сонови! А кога во политиката ќе се спојат ароганцијата и незнаењето со случајни ликови со големи сонови, тогаш сме нападнати од очајна музика, покрај која се губи секаква надеж!

Во модерниве општества и сиромашниве земји што претендираат еден ден да станат модерни, неретко ароганцијата изгледа како делотворен стил на живеење, работење и комуницирање кој носи успеси и кој е пожелно да се следи! Ароганцијата, посебно во политиката, личи на оние кожни наочници кои им се прицвстуваат на уздата на коњите за стеснување на нивното видно поле -да не можат да гледаат ниту назад, ниту одоколу, туку со сигурен кас или во галоп да го совладуваат патот кон постигнување на целта. Тие опасни луѓе, обдарени само со ароганција, кога ќе дојдат до позиции кои значат остварување на нивните големи сонови, прават сè за да ги задржат. Дури и она што на нормален човек ни на сон не би му паднало да го прави!

Политиката е атрактивна професија, посебно во сиромашните земји, како што луцидно забележува проф. Владимир Гоати. Политичарите во таквите земји, имаат огромна политичка, економска моќ и секаква друга моќ, (скоро па митолошка!), бидејќи тие одлучуваат и доминираат во кариерите, развојот или пропаста на животите на другите. Ароганцијата во политиката, посебно во сиромашните балкански земји, отсекогаш била исклучително исплатлива карактерна црта и одлика на личноста! Затоа, и не чуди што најуспешно во политиката се сокриваат мноштво неуспешни и за ништо друго способни луѓе, но со ароганцијата на чело, стигнуваат далеку и „нижат успеси“!

Од историјата наоѓаме доволно аргументи за да заклучиме дека ароганцијата никогаш не произвела ништо добро и ништо друго освен војни, катастрофи, омраза и огромно количества натрупани неуспеси и проблеми, на секаков можен план!

Од книгата на Ари Турунен (фински новинар и комуниколог) „Дали знаеш кој сум јас?“, разбираме во која мера неконтролираното големо его, суетата и ароганцијата влијаеле на многу важни одлуки на владетели, политичари, генерали и револуционери, од Луј 16, Наполеон, преку Лав Троцки, Чанг Кај Шек, до Тони Блер и Џорџ Буш-помладиот, но најмногу влијаеле на судбините на милиони луѓе кои страдале како последици на нивната незауздана ароганција.

Посебно интересна сторија за ароганцијата во таа книга е поврзана со ликови и настани кои и нам ни се блиски уште од времето нашето детство, преку стриповите „Приказни од Дивиот запад“ и вестерн филмовите за борбите меѓу Индијанците и каубоите во САД, во втората половина од 19 век. Станува збор за еден од најпознатите генерали во американската граѓанска војна Џорџ Армстронг Кастер, кој заради нескриената луда храброст добива генералски чин, па пред војската постојано дефилирал со својата златна кадифена униформа и бил во постојана потрага по публицитет и слава! Со оглед на тоа дека себеси се сметал за голем и непогрешлив војник кој не слуша наредби од надредените, а не слушал ни совети на добронамерни познавачи на приликите, во 1868 година, Кастер тргнува во напад на домородното индијанско племе Чеени, каде убива и жени и деца и по тој невиден масакр, одлучува да се пресмета и со највоинственото индијанско племе Сијукси и легендарните поглавици Лудиот коњ и Бикот кој седи! Кастер арогантно ги игнорирал сите укажувања дека треба да почека засилување и да не се впушта во таква непромислена авантура и тргнал во напад, бидејќи бил убеден во победа, но бил поразен и загинал заедно со сите свои војници.

Оваа кратка илустративна сторија од книгата „Дали знаеш кој сум јас“, треба да нè потсети, дека како деца, толку природно сме ја одбирале страната на праведните, вистински смелите и вештите во заштитата на своите права и слободи, наспроти арогантните и привидно надмоќните, кои во стриповите и филмовите уште требаше да ги прифатиме и како „добри момци“!

„Дали знаеш кој сум јас?“ – тоа е таа поза или таа етикета со која секој од нас, барем еднаш во животот се соочил и на своја кожа го осетил тој надмен презир, кој природно раѓа само презир! Не постои ни вредност, ни вештина ни квалитет кои можат да ја оправдаат ароганцијата како лична карактерна особина, уште помалку да ја оправдаат кога служи како прикритие за незнаење, невештост и неквалификуваност во пределите на општествениот и пред сè во политичкиот живот!

Ароганцијата го замаглува здраворазумскиот поглед на свет, создава лажен преглед и пресек на случувањата околу себе и емитира постојана токсичност во сите општествени односи, во секоја комуникација и во носењето на секоја релевантна политичка одлука. Кога ароганцијата станува пречка и главен блокатор на сите позитивни и посакувани импулси и промени на подобро, тогаш цели политички гарнитури ја напуштаат политичката сцена, бидејќи ароганцијата им станала единствена и доминантна одлика!

Покрај сите останати мани и слабости, најголемата цена која ќе ја плати последнава македонска власт пред нејзиното конечно заминување од политичката сцена, дефинитивно ќе биде заради нејзината непоправлива и епска ароганција! Отсуството на чувство за одговорност, отсуството на сенс за вистинските потреби на граѓаните, отсуството на слух за вистинските проблеми на граѓаните и воопшто отсуството на елементарна емпатија, не се компензираат со вообразбите за незаменливост, визионерство и мисионерство кои власта до последен здив се обидува да ги продаде, како своја најголема и единствена вистина!

………………………………………………………………………………..
…затоа што „кабелот беше крив“,… затоа што неуспешниот референдум за промена на името стана преку ноќ „успешен“, …затоа што ние самите бевме виновни за најкатастрофалното справување со короната во регионот и Европа, ,…затоа што не беше точно дека придавката „северна“ ќе нè преименува и ќе нè престори во коси цртички… затоа што македонскиот идентитет и македонскиот јазик беа бетон, а станаа жива кал, во која до гуша се гушиме во докажувања, кои сме и што сме… затоа што тие даваа помош и субвенции „капом и шаком“, а најмалку половина од населението (за инает на нив!), потона во сиромаштија и беда, … затоа што блескајќи, така силно, стотици илјади мажи, жени и деца заминаа во странство, ,… затоа што половина од населението намерно сакаше да не може ни по лек да отиде во странство, во голготата наречена промена на личните документи,… затоа што не е точно дека стотици белосветски криминалци со невидена леснотија се стекнаа со македонски патни исправи,… затоа што не е точно дека Универзална сала беше пеплосана, дури гореше дење, пред очи на сите…, затоа што амнестијата на секој сегашен и иден криминал и системското негување корупција и криминал насекаде и на секое ниво, беа само плод на фантазијата на сите чесни и трудољубиви граѓани, кои немаа попаметна работа и ѕиркаа во несредениот двор на власта… која патем, забрзано се пакува со месеци, за да се смести меѓу страниците на најнеславниот дел од поновата македонска историја,… историја за која така убедливо и арогантно бевме убедувани дека нема да ни треба ни како учебник, по патот на светлата иднина што само тие можеа да ни ја донесат….

Ѓурѓовден е! А надвор е пролет и живи сме – за да ја испратиме неподносливата ароганција на една немоќна политика – во историјата!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.