Васко Шутаров
Неговото Височество Увото
Увото е човеков орган за слух и рамнотежа и него најчесто симболички го поврзуваме со воведувањето на децата и младите во светот на возрасните, а низ целиот подоцнежен живот го доживуваме и како инструмент и мерна единица преку кои се оценува степенот на прилагодување, совладување и напредување низ лавиринтите од правила на игра и пожелни модели на однесување кои му се наметнуваат на секој човек поединечно, за да успее во животот! (Бог ни дал две уши и една уста, повеќе да слушаме, а помалку да зборуваме!)
Неговото Височество Увото, најдалеку можно го однел човековиот род од останатиот животински свет во кој увото останало едно од примарните и најважни органи, кои први сигнализираат сигнали и знаци од природната средина! Увото, преку човековиот развој ја губи својата исклучителна природна употребна вредност и стекнува првенствено општествена употребна вредност, како орган и инструмент преку кој се „слушаат“ ( ослушкуваат, преслушуваат, ислушуваат, послушуваат..) потребите, барањата и очекувањата од општествената средина. И колку неговата општествена употребна вредност станува поголема, за сметка на природната, толку повеќе увото станува неважно, потценувано, па дури и неугледно место ( за покривање со коса, затскривање зад брада или просто, украсување со обетки!)
Увото и во уметноста никогаш немало третман каков што имале окото, усните, прстите, па дури и носот! Првата асоцијација за увото во уметноста се врзува за губењето на слухот на Бетовен, па за една од ретките песни посветени на увото, „Во увото на една девојка“ од Лорка или за контроверзната тема „Ушниот восок“ од британската рок-група Баухаус! Падот на увото во културата и уметноста и симболично најмногу се поврзува со отсеченото уво на големиот сликар Ван Гог!
Урбаните легенди кои сè уште го следат овој познат (авто)деструктивен чин, велат дека славниот уметник отсеченото уво го однел како подарок во бордел, на проститутка која најчесто ја посетувал. Отсеченото и паднато уво е на продажба, како што сè друго е на продажба во јавната куќа! Легендата вели дека уште еден голем сликар присуствувал на чинот на отсекување на увото, инаку искусниот мечувалец Пол Гоген, а најчудното во сè е заветувањето на молк и посветената послушност во поглед на толкувањата на овој бизарен чин.
Увото, кое од најмали нозе ни служи да слушаме што нè подучуваат и советуваат повозрасните авторитети, ја има истата улога и во формирањето и во равојот на сите форми во човековото организирање и живеење во заедници. Од праисторијата, преку Антиката, па преку раѓањето на сите најмоќни светски култури и цивилизации и преку раѓањето на сите светски религии и верски движења, до денешни дни, останале златните правила дека: „Подобро е почесто ушите да ги употребуваме, отколку јазикот“ (Сенека); „Окото слуша, a увото гледа“ (арапска поговорка)- за полесно да поминете во животот!
Така, увото, за разлика од сите други човекови органи и сетила, неславно почнува да се поврзува со една од најпремолчуваните човекови особини, а тоа е послушноста! За најдолго стекнуваната човекова карактерна особина во неговиот севкупен развој, денес владее апсолутен молк! Денес и науката и културата и уметноста, како да се покорени и заветени на молк пред сеприсутната, слепа и заводлива послушност-миленичка на секоја власт и секоја моќ во развојот на човештвото!
Нејзиното височество, Послушноста
Лаичкото симболично поврзување на увото и послушноста, долго низ вековите преовладувало како нераскинлива врска, сè до 1961 година, кога професорот по психологија на Универзитетот Јеијл, Стенли Милграм, спроведува серија од експерименти со кои ја тестирал послушноста кон авторитетите! Почетокот на експериментот се совпаднал со судењето на нацистичкиот злосторник, Адолф Ајхман,еден од архитектите на холокаустот, а Милграм сакал да дознае, на што сé би биле подготвени луѓето кога некој авторитет би им наредил да повредат некое друго човечко суштество!
„Плаќаме 4 долари по час и бараме 500 луѓе кои ќе ни помогнат да спроведеме научно истражување за меморијата и учењето”, објавил Милграм и експериментот можел за почне! Под контрола на експериментатор облечен во бел мантил , волонтерот наречен „учител“ му читал низи од зборови на „ученикот“, кој бил врзан за машина за електро-шокови во друга просторија, одвоена со стакло. Кога ученикот ќе направел грешка, учителот можел да ја активира машината во распон од 15 волти (најмал шок), до 450 волти (најсилен шок). Еден дел од „учителите“, кога разбрале што се бара од нив веднаш се откажале, но оние кои останале во експерименталната игра, сите до еден, ги казниле учениците за грешките со електро-шокови од 300 волти, а две третини од нив отишло до крај, притиснувајќи го копчето од 450 волти!
Вистинскиот шок од овој контроверзен експеримент со електро-шокови (симулирани, бидејќи реално машината не била поврзана со струја!), бил следниов : дури 65% од учесниците биле подготвени да го свртат прекинувачот до потенцијално смртоносната волтажа, иако и гледале и слушале на каква тортура ги подложуваат учениците во експериментот. Истражувањата на 18 различни групи го дале истиот резултат, 65 % од учесниците во експериментот ја разбудиле и ослободиле својата послушност до границата на уништување на туѓ живот, без око да им трепне и без уво да ги здоболи!
Во експериментите на Милграм, слепата послушност не е принудена од страв или некаква директна закана од авторитетот, туку се работи за послушност на која субјектот доброволно се согласува, а која е „обоена со атмосфера на соработка“! Токму овој факт овозможува потенцијално, слепата послушност да стане моќно оружје во рацете на различни авторитети. Тоа може да бидат негативни и агресивни авторитети во врсничките групи, авторитети во семејството, работодавците на работа, авторитети во околината, во училиштата и на универзитетите, но најмногу во политиката и организацијата на моќта и власта, на сите нивоа!
Милграмовиот експеримент, подоцнежната наука се обидувала на сите начини да го релативизира или проблематизира, иако слични експерименти подоцна се правени и на други универзитети (во Полска, 2017 година) со скоро идентични показатели за лесна провокација на послушноста! Многу научници чија специјалност е социјалната психијатрија, послушноста со која експериментирал Милграм, ја нарекуваат „ситуациска“, а за неа и тој самиот дал соодветни објаснувања:
„Кога делува независно, човекот се потпира на својата совест. Но, кога се доживува себеси како учесник во заедничка акција, неговиот морален интерес се стеснува и често ја префрла одговорноста на властите над него. Можеби сме марионети контролирани од конците што ги влечат властите во општеството, но ние сме барем марионети со перцепција, со свест. а можеби нашата свест е првиот чекор кон нашето ослободување“ – вели Милграм.
По екперименталните откритија за послушноста од Стенли Милграм, послушноста како да исчезна од големите наративи, иако неговите откритија станаа култни во поп-културата, станаа провокација за снимање филмови и креирање мноштво забавни игри. Таквата унисона послушност во јавниот дискурс, кон оценките дека Милграмовиот експеримент е повеќе драматуршки отколку научен модел на истражување на послушноста, само Нејзиното Височество Послушноста може да го испровоцира!
Нивното височество, Марионети и Авторитети
Не постои центар на моќ и организирана власт на овој свет и век, за кои експериментот на Милграм останал непознаница! Иако науката, па и лаичката јавност, се обидувале со студена глава да ги восприемат и третираат резултатите од експериментот за послушноста, сите актуелни центри на моќ, со многу страст и сласт, реално со послушноста си експериментираат, не на еден, туку на сите можни начини кои им се (о)ставени на располагање!
Да не се лажеме, послушноста е една од основите на општествениот живот и овде и во времево што го живееме. Тоа е таа иста, прастара мистична нишка која ја трансформира архаичната маса луѓе во функционална заедница, витален катализатор на човековата организација што се пренесува генерациски низ колективната потсвест како посакуван начин на однесување! Тоа е најзабележливо во тоталитарните и хибридните општества (меѓу кои егзистираме и ние како општество), во кои безусловната лојалност и слепата послушност се издигнувани на ниво на најважен морален закон! Таквите општества, произведуваат социјални автомати од граѓаните, чија ментална структура е форматирана уште од детството, а надградена со бескрајно самоодржливиот транзициски модел на владеење и живеење, кој се наметнува како единствен добар модел за следење.
Во таков монохроматски мозаик, поединецот е само честичка од аморфна маса која свесно ги губи својствата на индивидуалност и самопочит. Секоја хетерогеност се хомогенизира, секоја непослушност се казнува, на еден, друг или трет начин, а овие „обични луѓе“ го формираат р’бетот на хибридно-тоталитарниот модел на управување со заедницата!
За да се ревитализира едно вакво општество, потребно е враќање на цивилизациските вредности и пресоздавање нормална и модерна држава, со институции кои ќе поттикнуваат доблест и ќе го симболизираат моралот. Макијавели тврдеше дека луѓето не се непоправливо зли, други влијателни теоретичари на политиката тврдеа дека луѓето не се ни непоправливо себични или непоправливо послушни -тие го изнесуваат најлошото од себе кога се подложени на дадени општествени околности, а нивното однесување е одраз на политиката, системот на вредности и политичката култура кои ги практикуваат владетелите што владеат со нив.
Своевремено, еден мој професор по „Социологија на културата“, (еден од најдобрите во областа), Ратко Божовиќ, знаеше во овој контекст да каже:
„Кога ќе се реши енигмата, како во трвдо уво да влезе нешто убаво, ќе се решат сите големи предизвици во политиката!“
И како во тврдо уво, да влезе нешто убаво?!
Додека, во колони, еден по еден, стотици и стотици илјади граѓани, цела зима трпеливо и послушно (како замрзната слика од времетонатоталитарниоткомунизам кога се чекале леб и млеко) чекаат, за свои пари и со важечки лични исправи, да го изодат последниот круг од самопонижувањето, кое преку „мало виткање кичма“ и со „мала помош на камшикарот“, за малку ќе не однесеше „право во рајот“?!
Додека власта без елементарен слух за животните потреби на граѓаните, не заживеа сиве овие години на владеење, ниту една животно важна европска вредност, но затоа испрати во Европа стотици и стотици илјади граѓани (повеќето од нив, засекогаш!), а дома, брутално осиромаши, повеќе од половина од преостанатото население.
Како во тврдото уво на власта да влезе фактот, дека не постои вистински домашен авторитет кој нешто вредеше и значеше а кој не го посрамотија и понижија, па дури и авторитетот на САД и ЕУ, зад кој постојано се затскриваа и сериозно го потрошија! Патем, продуцирајќи армија од нова мангупарија локални авторитети, на која и дадоа и моќ и пари и секаква заштита, за да создава нова армија марионети-послушници!
Како во тврдото уво на власта, да влезе убавината на ослободувањето од послушноста, која тивко се буди со големото будење на народот, во пресрет на пролетните избори?!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.