Кирил Лазов
Изминува уште една неуспешна година за здравството во Македонија. Целиот здравствен систем е на стаклени нозе од примарно до терцијално ниво, инфраструктурно, кадровски, финансиски. Тотален хаос!
Ако подлабоко размислиме при резимирање на заклучоците и што друго би очекувале од седумгодишното погубно владеење на најнеспособните влади. И наместо се да тече и да се менува во подобра насока, кај нас освен што се сменија четворица министри, кој од кој полош во менаџирањето, не се промени ништо на подобро. Но затоа пак, секојдневно сме се поблизу до пробивање на дуплото дно кое веќе одамна го допревме.
Можеби и немаше да биде се толку трагично, како што впрочем е, ако и самиот Фатмир Меџити не признаеше јавно дека здравството е во тешка состојба. Како едно замотано клопче, како лавиринт без излез. Очајно. Среќа во цела несреќа е што оваа власт е во заминувње, а парламантерните избори се шанса за да тргнат работите кон подобро. Но дотогаш ќе бидеме заложници на крајната неспособност на лошите здравствени политики кои ги води министерот.
Во недостиг на медицински персонал, здравствените установи ширум Македонија се оставени на милост и немилост. Голем дел од недоволниот број лекари и медицински сестри со години се оставени со нерешен статус. Со години работат со договор на дело, а државата се однесува како да нема потреба од овие здравствени работници. Современа апаратура во установите во внатрешноста, но и на клиниките речиси и не се набавува. Не се реализираат никакви инфраструктурни проекти, нема санации ниту реконструкции.
Новиот клинички центар во Скопје остана само медиумска приказна. Клиничкиот центар во Штип, чија изградба е запрена, уште едно нереализирано ветување кое се користеше како маркетинг за политички поени.
Остануваат нејасни многу неодговорени прашања, многу нерасчистени дилеми во нашиот несоодветен здравствен систем во кој најмногу губат граѓаните.
И на крајот на оваа 2023 година останува нерешен случајот со модуларната болница во Тетово. Случајот Онкологија кој ја разбранува и вознемири јавноста, но и дополнително ја сруши и онака малата доверба во здравствениот систем е уште една енигма за која оваа неспособна влада нема решение, исто како и за многу други скандали за кои низ годиниве сведочевме како резултат на лошото менаџирање во здравството.
Доцнат лекови за пациентите со ретки болести, од еден до шест месеци. Поради ова пациентите се ставаат во животозагрозувачка состојба, но и за тоа на никој око не му трепнува.
На крајот на оваа 2023 година, ревидирањето и проширувањето на позитивната листа за обезбедување неопходни лекови останува да биде новогодишна желба на граѓаните, но и надеж дека конечно не чека светло на крајот од тунелот.
Потребно ни е лидерство на највисоко ниво и стратегија, во најкраток рок!
Седум години се изнагледавме политички игри, лични промоции на министрите за здравство, се изнаслушавме аплаузи кои сами ги режираа.
Време е за реанимација на колабираното здравство! Време е за ресет! Време е за промени!
Среќна Нова 2024 година!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.