Васко Шутаров
И по Тито-НАТО!
Знаете ли дека меѓу Јосип Броз Тито и НАТО имало неколку тајни договори?! Иако во голем дел архивите, сѐ уште, љубоморно ја чуваат оваа тајна над тајните, Маршалот од поранешна Југославија уште во првите повоени години, кои се и години на жестоки антагонизми помеѓу капиталистичкиот Запад и комунистичкиот Исток, не само што кокетирал туку и договорил потесна соработка со западната воена алијанса. И кој би помислил дека тоа го направил заради продолжување на Прелиминарниот договор од 1942 година, потпишан во Вашингтон, меѓу тогашниот американски претседател Рузвелт и и југословенската кралска Влада во азил, во кој е запишано дека:
„Соединетите Држави ги сметаат долините на реките Вардар и Морава за коридор од најголем безбедносен интерес во Европа.“
На инсистирање на Американците, Јосип Броз Тито во 1948 година го обновил овој договор, а со потпишувањето на Балканскиот пакт и воено-политичкиот сојуз со Грција и Турција во 1953 година се создал и формален сојуз на две НАТО-држави и една тогашна комунистичка држава, што значи дека Југославија, а со тоа и Македонија како нејзина федерална република, станала, индиректно, уште пред 70 години, придружна членка на НАТО. За волја на вистината, Тито ова го направил најмногу поради реалната закана и опасност неговата држава да биде нападната од тогашниот комунистички блок, по раскинувањето на неговите лични и политички релации со Москва и со Јосиф Висарионович Сталин.
Со оглед на непобитниот факт од надворешните политики на најголемите светски сили дека нивните геополитички и геостратешки цели се долгорочни и конзистентни, а нивната институционална меморија трајна, тогаш зарем некого може да зачуди важноста на „Договорот од Преспа“ во 2018 година, со кој, и покрај волјата на мнозинството македонски гласачи, „се реши Вардар“ и Македонија беше внесена во НАТО (?!), додека, пак, долината на реката Морава, и натаму „се решава“, во една исклучително комплексна српска политика на седење на два-три и повеќе стола, помеѓу американската база „Бондстил“ во Косово и „Рускиот хуманитарен центар“ во Ниш. Од тоа како во овој контекст ќе игра старо-новиот и уште поубедлив победник на последните избори во Србија Александар Вучиќ, за кого, со немала доза цинизам западните медиуми пишуваат дека сака да ја игра улогата на „Тито во 21 век“, ̶ најмногу ќе зависи исцртувањето на новиот геополитички мозаик на Балканот, во кој барем неколку коцки ќе бидат и понатаму од првостепена геополитичка важност.
Војната во Украина е несомнено само почеток на новото глобално политичко преуредување на светот, кое ќе влијае врз сите поединечни сегашни и идни политики, како на големите, така и на помалите политички субјекти. Впрочем, над неодамнешните избори во Унгарија и изборите во Србија, како и над актуелните исклучително важни избори во Франција, надвиснат е разјарениот дух од крвавата европска војна што се води на територијата на Украина.
Францускиот победник што треба да победи!
Франција несомнено ќе остане една од најзначајните коцки во новиот геополитички мозаик, кој појасно ќе се исцртува со завршувањето на претседателската трка меѓу Емануел Макрон и Марин ле Пен, во вториот круг од изборите закажани за 24 април. И двајцата играат на картата, Франција да остане во игра како сериозен играч во кроењето на новата политичка и безбедносна архитектура во Европа и светот, избегнувајќи ја стапицата на т.н. сакрална приврзаност кон големиот брат од другата страна на Атлантикот.
Претседателската кандидатка на крајната десница Ле Пен, многу порано од Макрон ја започна претседателската кампања, при што вешто го избегна наследството од „Црното танго со Кремљ“, кое ѝ се припишуваше поради блискоста со Москва. Покрај ова, таа успешно целеше на незадоволството од инфлацијата предизвикана од санкциите кон Русија, така што во првиот круг освои преку 40 % од работничките гласови во Франција. Да, прилично е контроверзно што крајната десница ги освојува француските работнички гласови а уште поконтроверзно што токму прононсираната „Миленичка на Москва“, во оваа кампања ужива симпатии и исклучителна наклонетост од највлијателните медиуми во Велика Британија.
Во Франција постои едно правило кое гласи: во вториот круг на претседателските избори секогаш победува оној „што треба да победи!“. Дали тоа ќе биде повторно Емануел Макрон, кој за разлика од останатите западни лидери, непосредно пред важната претседателска кампања се најде и во улога на посредник во руско-украинскиот воен конфликт, и покрај фактот што уште од 2014 година токму Франција е најголем воен поддржувач на Украина. Згора на ов,а Макрон, за разлика од Борис Џонсон и Џо Бајден, не се стекна и со статусот непожелна личност на територијата на Русија и ако победи на претстојните избори, ќе остане една од клучните фигури во креирањето на повоената безбедносна архитектура во Европа и во светот.
Иако западните медиуми не пишуваат, сепак протекуваат слухови од руските медиуми за многу остра дебата во високите кругови во Кремљ за тоа дали Москва јавно да ја објави структурата на т.н. „тивок фронт“ од бројни странски високи офицери и разузнувачи ангажирани на страната на Украинците во Мариупол, меѓу кои и 62 француски офицери, за кои посебна грижа пројавувал токму Макрон во своите последни телефонски разговори со Владимир Путин ̶ и за што бил децидно одбиен?! Што значи, Русија и со двајцата претседателски кандидати на Франција има своевидна „игра“, токму како што и Макрон и Ле Пен имаат своја игра и проекција за лесната еманципација од заедничката евроатлантска политика кон Русија, по освојувањето на власта.
Случајно или не, токму од Франција за време на претседателската кампања пристигнуваа слухови за можно постигнување на примирје меѓу Русија и Украина, веќе на 9 мај, како симболичен датум со кој во Втората светска војна сојузничките сили го победија фашизмот, иако во моментов изгледите за тоа се скоро никакви.
За новата американска допадливост не важат санкциите кон Русија
Најважната коцка во новата геополитичка игра е секако фрлена од САД, а со нивните надворешно-политички постапки се подоткриваат и мноштво коцки од идниот геополитички мозаик во светот. Освен исклучителната можност да ги проверат перформансите на руската војска, толку далеку од нивната територија, а во војна која на многу начини ја водат, Американците освен комбинацијата од тврда моќ со политичка присила, економски санкции и воена помош за Украина, заиграа и во нова „мека културна војна“ со Русија, овој пат во информатичката и дигиталната сфера. Американците направија исклучок од ригидните санкции кон Русија и минатата недела дозволија извоз и продажба на софтвери, опрема и технологија потребна за телекомуникациска размена на интернет за рускиот пазар. Ова значи дека Американците ќе останат да бидат „присутни и допадливи“ во Русија преку технологијата за размена на пораки, видеоконференции, апликации за чет, е-пошта, социјални мрежи, размена на фотографии, филмови и документи, веб-пребарувања, блогови и регистрација на домени. Многу вешто, многу умно и крајно интелигентно, како во „најдобрите години“ на Студената војна меѓу двете тогаш најмоќни суперсили, САД и СССР, само што сега културната дипломатија се сели во доменот на дигиталното, а тоа во моментов е, сѐ уште, едно од најмоќните американски „оружја“.
Новиот руски супермачизам
Во меѓувреме, со влегувањето во третиот месец од руско-украинската војна се подотвораат во поголем дел и коцките со сликата за новиот руски „супермачизам“ во меѓународната политика, креиран според ликот и делото на Владимир Путин. Ако може да се суди според живи сведоштва за новото во руската дипломатија и руската воена доктрина, може слободно да се повлечат веќе неколку сигурни заклучоци.
Еден од нив е неодамнешното интервју на поранешниот француски амбасадор во ОН, Жерар Аро, во кое тој сведочи како во 2014 година, неговиот тогашен руски колега Виталиј Чуркин, во ретки моменти на искреност по анексијата на Крим, му се доверил дека: „Никогаш не би можел ни да помисли дека можат да го направат тоа!“. И од ова може, со сигурност да се заклучи дека руската дипломатија во време на Путин, ја напушта старата дипломатска практика по која беше исклучително препознатлива, а Романо Проди ја нарекуваше „а ла Бистро дипломатија“ или „дипломатија на кавијар и вотка“. Што ќе рече, прашањата за војната и мирот се решаваат во исклучително тесен круг на најблиски соработници на Путин, а понекогаш дури и без тој круг.
Вториот заклучок, кога се веќе во прашање руската војна и мир, е дека тие во многу нешта ќе зависат и од ефикасноста во примената на доктрината на генерал Валериј Герасимов (од западните медиуми наречен „татко на хибридните војни“), која веќе 10-ина години се смета за нова официјална руска воена доктрина, која не е во целост применета во досегашната војна во Украина. Од 8-те фази на војување, според „доктрината Герасимов“, Русија во Украина ги нема откриено сите, посебно последните кои вклучуваат „електронско војување и хакирање на секоја потенцијална жива мета која дава отпор“, во комбинација со најсовремените и најмоќните стратешки орудија што ги има на располагање Русија.
Тренирање на трпението на древниот Кинез
И уште две важни коцки од мозаикот од кои во голем дел ќе зависи текот на постојната или крајот на војната, воопшто, се секако исклучително важните коцки кои ги исцртуваат Германија и Кина со своето надворешно-политичко дејствување. За голем број експерти, не француското и британското, туку германското однесување може да го промени текот на идните потенцијални воени дејствија. Но, сепак најмногу идниот тек на настаните ќе зависи од мудроста и трпението што е акумулирано во кинеската воена филозофија дека „најдобрата воена стратегија е да се победи непријателот без борба“. Сѐ поострите предупредувања на официјален Пекинг кон зачестените американски политички и воени акции во Тајван, како и сѐ посилниот обрач што го создава околу Кина таканаречената „Фајв ајс алијанс“ (Five Eyes Alliance), то ест: САД, Велика Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд, ја наведуваат Кина на изјави од типот дека: „Проблемот на Тајван е најважното прашање за политиката на Кина, која дефинитивно ќе биде обединета и подготвена да преземе најголеми мерки за мирно обединување со Тајван.“ Што значи дека Кина и со воени дејства се подготвува да го заштити својот најважен национален интерес!
А во меѓувреме, ѕвечка оружјето на многу невралгични геополитички точки, а со него се подотвораат уште грст коцки од новиот геополитички мозаик: врие од провокации и од препукувања на пакистанско-авганистанската граница, зоврива турско-курдската пресметка на територијата на Ирак, а неофашистите од сите земји и сите бои здушно фаќаат ритам, маршираат и ги будат старите неостварени сништа од светските војни од минатиот век.
Не мириса на мир во вака расфрлените коцки од новиот геополитички мозаик, кој делумно веќе се исцртува! За жал, воопшто, не мириса на мир, во летово Господово 2022!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.