Васко Шутаров
Во 1783 година едно научно откритие на двајца француски производители на хартија, балонот на браќата Монголфие, се извишува над дворецот Версај во Париз! Чудото кое може да лета, летечкиот балон кој полни осум минути поминува на висина од 450 метри, од дворецот го следат францускиот крал Луј XVI и кралицата Марија Антоанета, со целата кралска свита, но, за првпат и огромна маса од преку 300.000 луѓе, кои никогаш порано не можеле да ѕирнат зад ѕидините на кралскиот двор и да бидат дел од кралските спектакли и забави.
Настанот го препородува „природниот и свет тек“ на јавните спектакли во Франција, затоа што надвор од рамките на старите декори на кралскиот режим, не било ни замисливо дека можат да бидат прикажувани спектакли и забави. Издигнувањето на балонот над Версај, било категорично нарушување на затворениот и контролиран дворски протокол. Сo тоa „летечко шоу“, официјалната кралска академија на науките го отвора патот кон јавниот спектакл, достапен за широката публика. Небесно синиот балон облепен со златни цветови бил визуелна сопственост на секој еден од насобраната маса народ! Затворениот протокол и кодекс на однесување на дворот на Луј XVI е поразен од ослободениот вид на општествениот јавен ритуал, во кој повеќе не било можно да се зачува хиерархијата на кралскиот протокол!
Точно 241 години потоа, цел Париз станува отворена сцена, а како финале на едно спектакуларно отворање на 33. Летни олимписки игри во 2024 година, од паркот „Тилјери“ полетува еден сосем поинаков, летечки огнен балон, дело на францускиот дизајнер Матје Леанер. Преку 300.000 луѓе, насобрани на двата брега на реката Сена, но и преку 3 милијарди гледачи пред малите екрани, стануваат учесници и сведоци на уште еден исклучителен спектакл, во кој огнениот летечки балон станува визуелна сопственост на секого! А, нели нема ништо случајно ни во летечките балони, ни во огновите, ни во освојувањата на срцата, посебно кога се во француска режија.
Од историски аспект, со балонот на браќата Монголфие се сруши стариот, езотеричен круг на политички предодредени персони, кои во современиов свет на 21 век мора да мислат за тоа, како да управуваат со процесите на сознајно култивирање на перцепциите, со цел стекнување на определени позиции и заштита на сопствените интереси. Тој начин на управување со перцепциите, денес се нарекува јавна и културна дипломатија, позната во политичкиот речник и како мека моќ во меѓународните односи, како борба за стекнување на јавното мислење, не само во домашната јавност, туку најмногу, и пред сè, меѓу странската публика. Тој начин на управување со перцепциите (и со емоциите!), сè повеќе претпоставува вклучување на секого и на сите во тие процеси, а Французите го демонстрираа вистинскиот начин како ќе се прави тоа во иднина! И токму со отворањето на Игрите, го покажаа начинот како надвор од трибините на стадионите (вообичаено со ограничен број привилегирани гледачи кои можат да си дозволат влезници!), може да се случи тотално податлив спектакл за секого, достапен и опиплив за сите подеднакво, покрај бреговите на Сена или покрај париските знаменитости кои до една, беа ставени во функција на спектаклот.
Цел свет денес им го признава на Французите пионерството во практикувањето на јавната и културната дипломатија! Чинот на пуштањето на балонот на браќата Монголфие во воздух, денес многумина го сметаат за прва културно-дипломатска акција во светот, а симболичното пуштање на огнениот (електронски!) олимписки балон на отворањето на Олимписките игри, само го потврдува француското пледирање да останат на нивото на најдобри и неприкосновени, кога се во прашање јавната и културната дипломатија!
И првото организирано практикување на културната дипломатија е изум на Французите, и тоа уште при крајот на 19 век, како идеја која набргу станува стварност и преку која, само со француската уметност, култура, јазик, мода, храна и вино продолжија да бидат доминантно влијателни во своите поранешни колонии – и без дополнителни трошоци за администрација, полиција и војска! Првиот Француски културен центар е отворен уште во 1907 година во Фиренца, а еден век подоцна, во 2007 година, Франција има убедливо најсилно разгранета мрежа од културни институти и центри низ светот. Франција е и светска водечка сила со вложувањата во својата културна дипломатија, според финансиските одвојувања по глава на жител.
………………………………………………………………………..
Франција е пионер и единствен пример за брендирање во светската историја. Начинот за национално брендирање што го познаваме денес, всушност, започнува со Француската револуција од 1789 година. Французите, први во светот започнуваат со стратешки осмислено национално и државно брендирање и така брендирани се пет француски републики, две француски империи и четири француски кралства! Тоа и денес претставува фасцинантен пример за проучување, како создавањето и зацврстувањето на идентитетите преку ребрендирање, може да има исклучително големо влијание во утврдувањето на внатрешниот легитимитет на државата, одржувањето на власта и влијанието врз нивните соседи.
Во кралството на Бурбоните никој не бил пославен и поголем автократ од Кралот на Сонцето, Луј 14, а дворецот Версај бил подигнат како физичко отелотворување на таквата апсолутна власт. Потоа, во 1789 г. доаѓа и првата и најзначајна револуција – Буржоаската револуција! Не само што било прогонето и раселено традиционалното благородништво, погубено кралското семејство, прогласена Републиката, осудена религијата и свртен на глава целиот општествен и културен систем, туку бил сменет секој, и најмал детаљ, од дотогашниот француски бренд! Тробојката, која и денес останува симбол на Франција, го заменила дотогашниот симбол – традиционалниот ирисов цвет. Марсељезата, која ја слушавме и во перформансот на отворањето на Олимписките игри, станува државна химна, традиционалните мерки биле заменети со метричкиот систем и бил воведен нов календар – и сето тоа било извезувано, преку воени триумфи, низ цела Европа! Франција потполно свесно и со сите расположиви ресурси јавно се ребрендирала и била првата нација што тргнала по курсот на државничка и национална самосвесност! Ова имало силно влијание во цела Европа!
Само неколку години подоцна, се случува уште едно ребрендирање. Генералот Наполеон Бонапарта се прогласува за прв конзул, а потоа за император! Империјата била сосема нов, а со тоа и туѓ концепт за Франција. Наполеон се крунисува за цар и воведува нови титули, ритуали, униформи, почести и одликувања, како и нов правен и образовен систем што бил извезуван во сите новоосвоени земји. Правниот код на Наполеон се задржал и денес во правната структура на голем дел од европските земји. За време на Наполеон цела Европа била ребрендирана, а за таа цел му служеле скоро сите тогаш познати француски уметници. Оттогаш, ребрендирањето на Франција се случува и често, а понекогаш кога баш морало – и насилно!
До појавувањето на Третата Република, по поразот на Наполеон Трети во Прусија, француските политичари стануваат светски специјалисти за брендирање и ребрендирање на својата нација и држава. Третата Република се распаѓа со поразот во 1940 година и е заменета со Вишиевата Франција на маршалот Филип Петен. За време на овој неславен режим, кој потесно соработувал со Хитлеровиот во Германија, Франција повторно е ребрендирана, а старата добро позната републиканска парола liberte-egalite-raternite (слобода-еднаквост-братство) е заменета со travail-famille-patrie (работа-семејство-татковина). Иако на тој режим денес се гледа како на понижувачки и срамен период во француската историја, несомнено тој бил уште еден национален бренд, кој за кратко време имал своја популарна, политичка, културна и општествена идеологија.
Потоа доаѓа Четвртата република (1946-1958 година), а набргу и Петтата (Де Голова), која како претседателски режим уште трае – и ако го издржи налетот на новите политички преструктурирања и прегрупирања во актуелниот политички пејзаж на Франција, по четири години ќе стане најдолголетна политичка и културна реинкарнација во француската историја. Го наведувам примерот на Франција затоа што, веројатно, таа од сите земји на светот, имала најголемо влијание во ребрендирањето на другите нации, па дури и денес, со сите можни политички непознаници околу формирањето на идната влада, Франција се обединува за да му ги покаже на светот вредностите околу кои ќе биде Европа обединета во иднина – им се допаѓало тоа на другите, или не?!
Денес, националното брендирање е на агендата на сите држави во светот, а националните приказни се како своевидна бесценета национална валута! Во светот на традиционалната политичка моќ, многу типична и нормална беше приказната за тоа чија војска или чија економија ќе победат! Во денешнов комуникациски поврзан свет, главното прашање се сведува на тоа: „Чија приказна ќе победи“? Владите се натпреваруваат меѓусебно за убедлива веродостојност на својата приказна и за ослабнување на веродостојноста на приказните на своите конкуренти!
Угледот отсекогаш бил важен чинител во политиката, но во денешниов миг, веродостојноста станува клучна категорија и заради феноменот на модерново време, наречено „парадокс на мноштвото“. Кога имате толку бројни информации, вниманието станува денес, толку редок, вреден и значаен ресурс! Колку е вреден тој ресурс денес, можеме да заклучиме според тоа, колку контроверзи и силно спротивставени коментари испровоцираа Французите како домаќини на последниве Олимписки игри! И со тоа, повторно ја постигнаа целта-комплетно го окупираа севкупното светско внимание, со една типична за нив, сосем веродостојна француска приказна!
Сето она што ја чини комплексната и мултидимензионална перцепција за Франција во светот, сите нејзини политички системи и режими (како и ребрендирањата што ги следеа), преку неповторливиот архитектонски пејзаж на Париз – Градот на светлината (и на мракот, ако некој така милува да го доживува!), преку најпрепознатливото во музиката, посебно во операта и шансоната („Химната на љубовта“ од висините на Ајфеловата кула, донесена од Селин Дион) преку танцот и славните кабареа (со Лејди Гага како главна ведета), па преку светските врвови на книжевноста, дизајнот и високата мода, преку шикот и шокот измислени исто така во Франција, па преку новото, футуристичко што го носи времето, (холограмите и вештачката интелигенција) – сето тоа заедно, беше ставено во функција на спектаклот по повод отворањето на Летните олимписки игри! Патем, Французите не ја пропуштија шансата повторно да се наметнат како бренд, во кој покрај паролите за слободата, еднаквоста и братството, подеднакво ќе бидат почитувани правата на различностите, еднаквоста на различностите и солидарноста! И Французите го направија тоа, на само ним својствен начин, потполно свесни дека нема да им се допаднат на сите, но само големите можат да си дозволат и одобрување и воодушеувување, но подеднакво и негодување и многу плукање!
А чија приказна ќе победи, на најголемата спортска манифестација годинава, на која уште би требало да важи славната мисла на таткото на модерните Олимписки игри, Французинот, Пјер де Кубертен, дека најважно е да се учествува! Иако реално, на спортските терени, секоја нација, секоја држава и секој учесник отсекогаш согорувале до последен атом сила, за да победат и да ги осетат сласта и престижот на олимписките победи! Како што за тој престиж во блоковски поделениот свет, едно време гладијаторски се бореа спортистите од Западот и од комунистичкиот Исток, исто како што денес, за истиот престиж не помалку гладијаторски ќе се борат спортистите од САД и од Н.Р. Кина.
А во меѓувреме, Франција и преку спортскиот спектакл на годината, со својата новораскажана, веродостојна и креативна приказна за себе, победи! Најстарата културна дипломатија во светот, знае најдобро како се прави тоа!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.