Васко Шутаров
Неверојатно тешко е во моментов да се најде некој што не се разбира од фудбал и од политика! Најважната споредна работа на светот, за време на Европското првенство во фудбал, уште еднаш на површина го исфрли фактот дека кај нас секој се разбира од фудбал и дека секој е во право кога ќе се разгори дискусија за фудбал! Впрочем, исто како и со политиката! Просто невозможна мисија е да се седне со некого на маса и да не се разгори муабет за политика – небаре малку ни беше скоро двомесечната политичка кампања и небаре нашите животи без политика губат секаква смисла! Факт е дека овде, секој се разбира од политика и од фудбал и дека секој има право на апсолутна вистина кога се во прашање овие две најважни (и ни случајно споредни!) работи во светот!
И навистина, има ли поголема емоционална инвестиција од онаа која се вложува во политиката и во фудбалот?! Постои ли друго подрачје од животот во кое се разгорува толку многу страст, како во политиката и во фудбалот и има ли помоќна енергија од онаа која кружи помеѓу актерите во фудбалската и во политичката игра од една страна и фудбалските навивачи и политичките поддржувачи од друга страна?!
Несомнено, борбата и играта кои и ден денешен од модерниве фудбалски терени и актуелниве политички арени провоцираат толку моќни емоции и страст, заедно со манифестациите „за леб и игри“, се стари колку што е стар човековиот род и отсекогаш го раздвижувале и го завладувале светот! Римјаните во екот на својата најголема империјална моќ, откако преку борба и игри го покориле најголемиот дел од тогашниот познат свет, ги понудиле и манифестациите за леб, вино и игри, не заради најубавото, бесценетото и бесплатното што играта го буди и провоцира како енергија во човекот, туку заради заштитата на моќта, славата и богатството кои отсекогаш биле посилното тројство во вечните борби и игри помеѓу емоцијата и разумот, како на лично и на индивидуално ниво, така и на ниво на заедници и на колективитети!
Кој владее со играта, тој владее и со светот – тоа е сентенца што не изгубила ништо од важноста и денес, кога никој во живо не комуницира со латинскиот јазик! А, да се владее со играта и преку играта со светот, неопходно потребни се правила на игра, принципи, процедури и протоколи, кои се исто така дел од играта – тоа дело е создадено во подемот на некогашната најголема светска империја. Римската империја владеела со светот и преку принципи и правила, процедури и протоколи кои како победник ги наметнувала секаде каде се простирала нејзината власт, од Рим до најдалечените провинции!
На најголемите умови од најславните денови на Римската империја им било сосема јасно дека играта и борбата, без правна, процедурална или протоколарна регулација, можат да разгорат гола борба на живот и на смрт, во која разбудената страст, може со леснотија да уништи и збрише сè пред себе! Најдобрите години на политичка стабилност и економски, трговски и културен просперитет се токму и годините во кои во империјата царуваат и јасно воспоставените правила на игра, принципи и процедури кои и денес ги именуваме како време на „римски мир“, популарно наречено, Pax Romana!
„Принципите и правилата се измислени и постојат за да се рушат“, е исто така римска сентенца од времето кога империјата почнала да пропаѓа и да ги крши токму принципите и правилата на политичката и сите останати општествено дозволени игри, кои сама ги креирала и наметнала – тоа и ден денешен, треба секогаш да биде поука кога разбудените емоции и страст во борбата и игрите за моќ, слава и пари, лесно ги заслепуваат и умот и разумот!
Така било за времето на Pax Romana, така е веќе цел еден век во времево наречено Pax Americana. Борбите и игрите за време на „американскиот век на мирот“, уште во средината на минатиот век добија и своја „Теорија на игрите“ (како математички модел што најнапред ги објаснува сите можности и потенцијали на играта, најнапред во економските науки), во која и политиката го препозна своето место и сите свои можности во играта, строго дефинирана во рамките на демократските правила и принципи! Тој западен модел на практикување игри во политиката и демократијата, во веков наречен Pax Americana, најчесто се врзува за сè уште актуелното свето тројство – правило, процедура и протокол, но асоцијативно се врзува и за стапот и за морковот, како метод кој често е применуван, кога отпорот кон демократските игри во политичките битки е константен и непопустлив!
„Во демократските држави во ерата на Pax Americana, секој учесник во политичката игра – поединци или групи – може да учествува и да ги застапува своите интереси и мислења. Конечната одлука не мора целосно да ги исполнува моите/нашите цели, но ако не учествувам/е, никој нема посебно да се ангажира околу нив. Во демократските држави до одлуки и решенија се доаѓа преку борба на мислења и натпревар на интереси и мислења. Согласноста се постигнува преку компромис што сите партии или мнозинството можат да го прифатат. Таквата одлука, во тоа време, може да се смета за дефиниција за општото добро! Борбата на мислењата и политичкиот натпревар создаваат елементи на борба! Затоа, многу е важно сите играчи на политичката сцена да се договорат за систем на правила, процедури или протоколи, со почитување на принципот на меѓусебно почитување…. “
… вака школски тече непрекинатата лекција, извезувана што со стап, што со морков, во земјиве како нашата, за да се учи и да се преповторува од мали нозе до зрела возраст, бидејќи овде, од фудбал и од политика се разбираат сите и сечија вистина мора да биде неприкосновена и последна…
………………………………………………………………………………………..
Во земјите како нашата, каде сè уште со сласт се раскажуваат урбаните легенди за славниот Џаро и неговите култни фудбалски местенки (од кои некои и со резултат од 134:0), новиве позаострени правила воведени за време на германското домаќинство на Европското првенство во фудбал, попрво се доживуваат само како невешт обид да се прикрие вмешаноста на семоќната политичка игра во фудбалската (што често и не е така далеку од вистината, посебно на нашиве регионални простори!) Но, мора ли баш заради постојаниот сомнеж (дека таму некаде во Европа и во светот, некој постојано ги крши правилата и принципите и тоа секогаш врз наш и врз грбовите на нашите блиски соседи!), мораме толку лесно да паѓаме на солзите на Пикси и на Џајиќ од селекторската клупа или на тажните лица на Новак или на Цеца од фудбалските ложи или да се јадосуваме поради гневот на Вучиќ и Брнабиќ од удобните политички фотељи, покрај така евидентно лошо организираната игра на српската фудбалска репрезентација?! Или заради примениот гол во 98. минута, со кој Хрватска беше елиминирана од понатамошното натпреварување на ЕП во Германија, сами да си ставаме уште еден прстофат сол врз отворените рани, дека ние помалите во Европа, а посебно од Балканот, сме секогаш жртви на прекршените правила и принципи од страна на оние, кои нам постојано ни ги наметнуваат!
(…и дали во таков случај, подобро е самите да ги кршиме правилата и процедурите, за потоа полесно да ги поднесуваме како сопствени испровоцирани порази?!)
Зарем не беше однапред вкалкулиран пораз начинот на кој, во најважната политичка игра, онаа за освојување на законодавната власт, на пример, во април 2017 година се избра собраниски претседател, со никогаш точно утврден број на гласови и со траен сомнеж дека тој број на гласови беше недоволен, за да биде легитимно изгласан и избран?! Зарем не е евидентен пораз, од тоа прво големо газење по деловничките правила и процедури, до последните пред распуштањето на тој собраниски состав, во април годинава, тоа очигледно функционирање, повеќе налик на башибозук-демократија отколку на вистински европска демократска игра во која правилата, принципите, процедурата и протоколот имаат неприкосновена вредност!
Зарем непрестаното кабадахиско дриблање околу кревките меѓници од деловнички правила и процедури, само по себе не стана еден голем пораз, изграден врз непрегледна низа од прекршени правила и процедури за изигрување на редовната законодавна практика (под превезот на ургентност со закачено европско знаменце!). Зарем апсолутистичкото арбитрирање и толкување на инаку редовните и нормални практики, не стана своевидно парламентарно фијаско, имајќи ја в предвид приоритетна важност на информациите од јавен интерес или интерпелациите за министри или стотиците закони и законски измени кои никогаш не стасаа на собраниски дневен ред! Ако во највисокиот законодавен дом, кој ги носи највисоките законски акти, не се почитуваат елементарните правила, процедури, принципи или протоколи ,какви можат да бидат очекувањата од месните заедници или куќните совети кои треба да се грижат за редот и поредокот во нашето секојдневно живеење?!
Зарем малку порази сами си нанесовме со неспретниот државен и дипломатски протокол, преку кој како од шега мешавме химни и мешавме знамиња? Или кога премиерот ни се кикотеше пред камери, додека во шега го нарекуваа, час како „премиер на Монтенегро“, час како „иден премиер на Западна Бугарија“?! Или, кога во случајот наречен „француски предлог“ се баталија и правила и процедури и протокол, па првично, првите луѓе на државата невешто мораа да одглумат „увредени невести“, па потоа одбиениот предлог сесрдно да го прифатат како свој, па да го кријат од сопствената јавност и од опозицијата, па на крај, со вперен прст токму кон опозицијата да бараат причини за фијаското по една изгубена политичка битка со редум нарушени демократски правила, принципи и протоколи?!
Или кога ќе се сетиме на едно од поголемите зеленила во поновата дипломатска практика, онаа кога претседател на држава му се обраќа на премиер на соседна држава со „љубави!“ (по што токму нашата држава доби брутална „заушка“ од соседската!) или онаа, каде на дебата во еден друг град во соседството, истиот тој претседател изјавува дека, кога и тој би бил млад, секако би посакал да ја напушти оваа држава!
А токму непочитувањето на правилата, принципите, процедурите и протоколите, пренебрегнувањето на добрите политички и дипломатски практики, направија да живееме во држава без ред и поредок – и токму тоа е првата и најголема причина, зошто државата ја напуштија стотици илјади граѓани, претежно млади, во полна физичка, (ре) продуктивна и интелектуална сила и моќ! И тоа не случајно заминувајќи токму во држави, во кои владеат цврсто дефинирани правила на игра во сите животни области, држави во кои процедурите, протоколите и правилата чинат едно неприкосновено свето тројство!
Зарем ова не е доволно добра и силна причина, (се разбира, покрај мноштвото други), новиот собраниски и владин состав, секогаш и во секоја прилика да го има постојано на ум светото тројство на добрата политичка и демократска практика – и кога страста знае да понесе, и кога емоцијата знае да заслепи!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.