Васко Шутаров

Оние на кои животното вјерују им е содржано во културата, знаат често да кажат дека токму културата би била идеална рамка и совршена илустрација за насловната страница на еден народ и на една држава. И така е добро да биде! Каков идеален би бил животот, ако на насловните страници би имало место само за културата и за културното?

Или колку идеално би било, ако културата го споделува тој скапоцен простор од насловните страници со спортот, на пример?! Таквите идеални денови во нашите животи, за жал, се ретки!

А маргинализирањата на културата и на спортот, ниту се од денес, ниту се од вчера – ниту ќе завршат утре! Ние што растевме со весници и со илустрирани списанија, патем и преку нив стекнувајќи го животното вјерују ( како величенствената моќ на играта во културата и во спортот знае да здушува и да воздигнува) и најдобро знаеме за стекнатата навика да ги листаме весниците од крајот, обично таму каде отсекогаш биле сместувани прилозите од спортот и од културата!

Денес, благодарејќи на модерната наука, подобро знаеме колкава е привлечната моќ што ја генерираат и спортот и културата и колку големо внимание и во меѓународната политика се посветува на она, што последниве три децении се нарекува мека моќ во меѓународните односи. Неброени трудови се напишани за тивката и ненаметлива моќ на културната дипломатија (која може да поместува планини и да руши граници!), но за жал, скоро сите се согласни дека таа најчесто е третирана како Пепелашка на која ù се оставаат сите важни домашни задачи, но, кога задачите носат успеси и на меѓународен план и треба да се прослават, неа најпрво ја забораваат! Потполно иста е ситуацијата со спортската дипломатија, која најчесто е третирана како храбро, убаво и успешно момче кое бескрајно многу ни треба, кога ги поместува границите на својата физичка издржливост и патем создава симпатии и обожување надвор од границите на државата, но после резултатите и успесите, политиката со него се однесува како со случајно најдено дете од улица, со кое не знае што точно треба да прави!

Културата и спортот во меѓународните односи создаваат посакувана перцепција за сопствената држава и народ, на наједноставен и најлесно разбирлив јазик на комуникација – тоа е перцепција околу која се врзуваат и симпатии и наклонетост, чувство на блискост и пријателство, на емоција, љубов и страст! Со други зборови, ни сто остварени победи во сто битки не значат толку, колку што значи една остварена победа без битка! Токму во тоа се состои предноста што ја има меката моќ пред тврдата моќ во меѓународните односи, или, предноста која културата и спортот може да ја имаат пред моќта на војската или пред булдожер-дипломатијата, на пример!
Еве неколку прашања кои сами од себе се наметнуваат, а секој од нас може легитимно да си ги постави. Можеме ли, на пример, да се сетиме на имињата на политичарите кои владееле со Бразил и со Аргентина, кога во зенитот на спортската слава биле кралевите во фудбалот, Пеле и Марадона?! Можеме ли да се сетиме кој беше на власт во Шведска, додека АББА беа најголема светска поп-атракција или кога во спортот доминираа Бјорн Борг, Матс Виландер, Стефан Едберг или Ингемар Стенмарк. Или кои беа гувернери на државите во САД, од каде потекнуваа, дури стекнуваа светска слава американските спортисти Карл Луис, Мајкл Џордан, Мохамед Али, Крис Еверт или Џон Мекинро?!

Дали денес некој би можел да се сети на поранешната ГДР (Германска Демократска Република), а првата асоцијација да не биде источно-германската доминација во речиси сите спортски дисциплини, од уметничкото лизгање и славната Катарина Вит, до светските рекордерки во пливање или атлетика, Корнелија Ендер или Марита Кох. Ние, кои живо се сеќаваме на времињата на комунистичките диктатури, нормално е дека лесно ќе се сетиме на владеењето на Николае Чаушеску во Романија, но денес, неколку децении потоа, кога не го спомнува веќе никој, насловни страници сè уште полни славната романска гимнастичарка од тоа време, Надја Команечи. Или да се прашаме, кој поранешен југословенски политичар ги отвори Зимските Олимписки игри, оние славните со „Вучко“ како маскота, од Сараево во 1984 година?!

Меката моќ во меѓународните односи, како нова модерна наука, сè уште нема развиено методологија преку која лесно би ја квантифицирала енергијата која е содржана во емоциите и во страстите кои ги продуцираат културата и спортот. Меката моќ и како редовна пракса на модерните држави, не може да се пофали дека има сигурни инструменти кои би ја евалуирале популарноста на спортските ѕвезди или ѕвездите од културата, во креирањето подобра перцепција или подобар имиџ за државите и за нивните влади.
И навистина, како да се измери привлечната моќ на една незаборавна музичка интерпретација, на некоја сцена од некој култен филм, на некоја позната реплика од популарна театарска претстава, на некој анимиран филм од нашето детство или на познато уметничко дело?! Или, како да се измери спортското воодушевувањето од некој дриблинг или од добар гол во фудбалот, од некоја тројка или од атрактивно забивање во кошарката или од некој волеј или од беспрекорен винер во тенисот?!

И како може, покрај таа огромна емпатија која се врзува со спортот и со културата, на некој моќник од високата политика или од големиот бизнис, да му биде толку многу мила, кога сето внимание и сета публика се свртени кон нешто што постојано бара од него, или пари или услуги?!
…………………………………………………………………………………….
Периодично, спортот и спортската дипломатија успеваат потполно да ги исполнат насловните страници и тоа се обично долго очекувани временски циклуси во кои се случуваат Олимписки игри, светски и европски првенства, грен-слемови или американски Супер боул. Тогаш, обично целото вниманието на светската (и не само спортска јавност!) е окупирано од таквите врвни настани, кои се секогаш резултат на долготрајна, стратешки добро осмислена и до совршенство реализирана спортска и културно-дипломатска акција. Доволно би било, во овој контекст, само да се сетиме на спектаклите од отворањата и од затворањата на Олимписките игри, вистински ремек-дела осмислени од земјите-домаќини и нивните културни и спортски дипломатии. Процесот на добивање и организирање големи спортски настани, кои имаат голема спортска, но несомнена и културолошка димензија, може да вроди со плод, кога се вклучени сите структури на надворешната политика на една држава, но најмногу на спортската и на културната дипломатија.

Привлечната моќ на спортот и на големите спортски настани, популарноста на спортистите и на одредени спортови во одредени средини, но и исклучителната можност преку спортот да се промовира мирот и обединувањето на луѓето, без оглед на нивните етнички, верски или социјални разлики, покрај несомнените комерцијални ефекти, создава поволна политичка клима, спортската дипломатија да добива и самостојна исклучително важна функција во дипломатиите на многу земји. Франција и на овој план предничи пред другите држави, вклучувајќи го спортот како стратешки важна алатка во стратегијата за својата јавна и културна дипломатија а има и високо позиционирано службено лице, кое во синхронизација со сите останати служби на француската дипломатија, лобира Франција да биде домаќин на значајни спортски меганастани, француските претставници во меѓународните спортски организации, посебно во извршните органи да бидат секогаш влијателни и слушнати, покрај постојаната грижа францускиот јазик да биде рамноправно присутен на сите важни спортски настани, посебно на Олимписките игри.

САД и Австралија исто така имаат исклучително интересни спортски дипломатии, кои се остваруваат преку редовни програми на Стејт Департментот за размена и гостување на американски спортисти во бројни земји во светот или преку австралиското спортско влијание на островите во Пацификот. Зарем гостувањето на славниот американски кошаркар Денис Родман во приватни посети кај севернокорејскиот диктатор Ким Јон Ун, некој уште го смета, само како приватна работа на Денис и Ким?!

Во нам блиските држави од регионот, спортската дипломатија можеме да ја препознаеме како значајна алатка на официјалните дипломатии на Словенија, на Хрватска и посебно на соседна Србија. Словенците се активно вклучени во лобирање за организирање на важни зимски спортски настани, а преку организирање на светски првенства и купови во алпско скијање, само го потврдуваат брендот на европска сила во зимските спортови, ги промовираат своите туристички потенцијали и се позиционираат како забележителен промотор на европските вредности во регионот. Хрватска веднаш ја искористи популарноста стекната во историското финале на светското фудбалско првенство во 2018 година и успеа да ја вгради во промоцијата на сопствената туристичка понуда, како што тоа сигурно ќе го направи и со успехот на хрватските ватерполисти на последниве Олимписки игри!

Кога говориме за спортот како рамка и илустрација од насловната страница на една држава, најтипичен е српскиот пример! Новак Ѓоковиќ, несомнено најдобриот спортист на епохата во која живееме, успеа со својот вонсериски талент, неверојатната волја за победа и цврстиот ментален склоп да го оствари тоа, сам да ги украде насловните страници, пркосејќи им на немилосрдните правила на игра диктирани од центрите на финансиска и политичка моќ во спортот! Србија ги има и своите шампиони од екипните спортови, ватерполото и кошарката, чии успеси исто така ја имаат таа моќна енергија да ја хомогенизираат нацијата, мотивирајќи го она силно чувство на гордост и на припадност со секој нов спортски успех! А сето тоа заедно, на меѓународен план, високо ја позиционира Србија на спортската мапа на светот, како моќна спортска сила која заслужува респект од поголемите држави.

На Македонија исклучително многу ù треба токму тоа чувство на гордост, на здушеност и на возвишеност кои се врзуваат само со спортот и со успесите на своите спортисти! Ништо толку многу не успева како успехот – и ништо толку не нè обединува како спортскиот успех! На Македонија очајно многу ù недостигаат моментите на успеси во спортот, какви што ги имавме во кошарката во 2011 година, со машкиот ракомет во 2012 година или во женскиот ракомет во 2002 година, со европскиот трофеј на „Кометал Ѓорче Петров“!

Добрите примери на помали земји кои постојано се во врвот на одредени спортски дисциплини, само укажуваат на тоа, дека, не постојат невозможни мисии, туку дека добрата организација, постојаната волја за креирање добри можности и поткрепата на своите спортски таленти, мора да донесат успеси!

И секако, ургентно потребна е продорна спортска дипломатија која ќе умее да го расчистува патот до таквите спортски успеси, како и интегрирана дипломатска акција која и преку спортот ќе цели кон освојување на насловните страници на медиумските гласила во светот! Бидејќи, друга таква моќна инвестиција и друго такво моќно чувство на заедништво и на припадност, како со успехот во спортот – нема!

Се разбира, освен во културата!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.