Атанас Кирјаковски

Авторитарните политичките идеологии во суштина не целат да го променат општеството – целат да го променат поединецот. Се трудат да го окупираат и контролираат неговиот светоглед, менталниот и емотивен живот, начинот на кој комуницира, општи и се однесува. Дури навлегуваат и внатре, длабоко во неговото семејство, му се мешаат во приватниот живот, бдеејќи над неговите деца и над креветот во кој сопружниците спијат. Она што авторитарните идеолози се обидуваат да го сменат и свиткаат во насока на сопствената си корист, она што е плод по којшто посегаат – е идентитетот на поединецот. За да се разбере подобро што е тоа идентитет и зошто е важен, ја препорачувам мојата претходна колумна во која подетално ја дискутирам психосоцијална важност и функцијата на идентитетите.

Историјата е полна со примери за обиди за редефинирање, односно создавање на нови политички видови од популација која претходно по некаков природен пат се издиференцирала во своевиден стабилен и доброволен идентитет. Слободниот идентитет го дефинирам како идентитет кој се прифаќа од поединецот своеволно, според неговата слободна волја, идентитет со кој природно и неприсилно се поистоветува, кој никој не му го наметнува со сила. Идентитет со кој се гордее, кој јавно го декларира и спонтано се труди да го пренесе на неговите потомци. За разлика од таквиот природен идентитет, наметнатиот политичко-авторитарен идентитет е обид за социјален инженеринг, тешка масовна манипулација, усилена индоктринација и метафоричко кинење на папочната врвца со минатото и претците, со цел поединецот да го изгуби чувството на континуитет на постоењето по што насила, би му се наметнал нов наратив и нов вештачки идентитет. Наместо да полемизираме одново и одново, најубаво накратко да проанализираме два историски примери на културолошко деидентизирање и одново идеолошо реидентизирање.

Првиот пример е од советската ера. Со паѓањето на царскиот империјален режим во Русија во 1917 г. и по превирањата за превласт, на власт доаѓаат Болшевиците на чело со комунистичкиот идеолог Владимир Ленин. Шест недели пред да доживее тежок мозочен удар, иронично, во неверојатна историска коинциденција, Ленин создава позиција „Генерален секретар“ специјално за Сталин кој во тој период бил неговата десна рака и способен оперативец, со намера овој да ги врши Лениновите секојдневни извршни задачи. По ударот, Ленин никогаш сосема не се опоравува и не се враќа целосно на лидерската позиција, а по неговата смрт во 1924 г. Сталин на готово, станува новиот лидер и ја креира сопствената диктатура прво внатре во комунистичката партија, а потоа и на целата територија на Русија или по Октомвриската револуција, новата република со име „Сојуз на Советските Социјалистички Републики“ или скратено – СССР. Тоталитарната комунистичка идеологија зачната од Ленин и соработниците, а подоцна продолжена и надградена од Сталин, имала за цел да создаде т.н. „нов човек“ односно – „Homo sovieticus” (се појавува подоцна како пејоративен израз за „новиот човек“ на сталинистичкиот режим). Овој нов вид на човек, комунистичкиот режим го замислувал како некаков си идеален советски граѓанин, изграден одново врз принципите на Марксизмот и Ленинизмот, според кој поединецот требало да се стави во функција и служба исклучиво на државата, ставајќи ги нејзините интереси над личните. Според овој идеал, вистинскиот советски граѓанин се очекувало да биде вреден, дисциплиниран, патриотски настроен, несебичен и лојален само на Комунистичката партија. Исто така, се очекувало секогаш да ги поддржува политиките на советската влада и да се придржува кон нејзините строги социјални норми и вредности. Накратко, требало да биде „совршен“ според дефиницијата за „совршенство“ на Сталин и неговата клика. За новиот вид на советски човек најјасно пишувал, зборувал и сатиризирал познатиот руски филозоф, социолог и логичар, дисидентот Александар Зиновјев кој во својата збирка кратки сатирични есеи со истоимен наслов, го опишува Homo sovieticus како човек со недостаток на индивидуализам, со тенденција кон конформизам и подготвеност да даде приоритет на потребите на државата над личните слободи и желби. Според Зиновјев, новиот индоктриниран вид бил создаван преку комбинација на социјално влијание, пропаганда и репресија, но наместо посакуваното комунистичко „совршенство“, режимот успеал да создаде само дехуманизиран, деидентизиран, уплашен корумпиран човек кој уште повеќе допринел кон корупцијата, неефикасноста и неиновативноста на советското општество.

Вториот историски пример вреден за разгледување е периодот на т.н. „културна револуција“ во Кина, своевна замислена преродба поттикната и осмислена од Мао Зедонг која траела од 1966 до 1976 г. Маовата намера била да го трансформира традиционалното Кинеско општество во комунистичко. Длабоко инспириран од советскиот проект, но истовремено и мотивиран да го престигне и надмине затоа што Советскиот сојуз ултимативно никогаш не успеал да прејде од социјализам (кој го сметале за преодна фаза) во комунизам, Мао започнал со отстранување на традиционалната кинеска култура од главите на неговите сонародници, сметајќи ја истата за уште една пречка во „Големиот скок напред“ кон комунизмот. За време на културната револуција Мао повикувал на уништување на т.н. „четирите старини“ (или „заоставштини“) кои ги дефинирал како „старите идеи, старите обичаи, старата култура и старите навики“. Посебно се фокусирал на едукација во духот на новата колективистичка и несебична култура, преку индоктринацијата на младите луѓе од кои мечтаел да создаде револуционери верни само на Комунистичката партија. Посебно опасен дел од Маоистичката младина биле „Црвените гардисти“, односно групи на средношколци и студенти со испрани мозоци организирани во парамилитарни формации кои биле охрабрувани да ги напаѓаат, мачат и убиваат сите оние кои не се согласувале со официјалните маоистички доктрини. Посебно биле охрабрувани да им се спротиставуваат, да ги прогонуваат и да ги малтретираат нивните сопствени учители, наставници и професори, како и останатите интелектуалци во општеството, нешто што посебно шокира затоа што се работи за земја со длабоко вкоренет конфучијанизам и традиција на огромна почит кон оние што даруваат знаење. Тука морам да признаам дека читајќи за овие уникатни историски монструозности со масовната злоупотреба, индоктринација и милитаризирањето на младите, како универзитетски професор кој секојдневно работи со млади луѓе – просто сум вџашен. Илјадници биле убиени во прогоните од Црвената гарда која била користена и за остранување на разни политички опозиционери, без разлика дали биле членови на Комунистичката партија или не. Културната револуција имала трајно влијание на кинеското општество, а Маовото наследство од истата сè уште може да се почувствува и денес. Напорите на Мао на сила да ги редефинира кинеската нација, култура и традиционалниот кинески идентитет биле делумно успешни, што може да се посведочи во денешното уредување на оваа република. Несомнено, во процесот на создавање на новиот кинески „Homo maoticus“, најмногу настрадале и најмногу изгубиле токму младите луѓе.

За жал, сличен процес на создавање на нов северномакедонски вид – „Homo severnicus“ – се одвива и во Република Македонија, почнувајќи од 2017 г. со доаѓањето овој антидемократски режим на власт. Мислите зборот „режим“ е пресилен? Веднаш да ве убедам зошто е најсоодветен: кога една партија губи на демократски избори, а потоа заткулисно формира коалиција со друга хиперкорумпирана и национал-шовинистичка партија за која првава предизборно ја обвинуваше дека била дел од претходниот „режим“; кога потпишуваш антимакедонски договори за промена на име и идентитет и покрај пропаднатиот референдум на кој јасно се изрази волјата на мнозинството Македонци преку бојкот на истиот; кога со уценување, притворање или незаконско наградување на пратеници ги тераш да гласаат за промена на Устав; кога секојдневно брутално си ги лажеш своите земјаци дека си добил некаков си „датум за преговори со ЕУ“; кога не си способен да набавиш вакцини; кога никого мува не го лази за изгорените луѓе во болници и автобуски несреќи; кога на крајот поставуваш нов премиер без избори и без согласност од граѓаните – драги мои, несомнено станува збор за недемократски, авторитарен режим. Впрочем истиот термин го користи и америчката организација Freedom House која рангира земји во однос на нивните демократски слободи и која сѐ уште ја означува Република Македонија со „хибриден режим“. Сета среќа што живееме во посовремено време, па методите на хибридниов, кој се обидува да создаде нова „северномакедонска нација“ се оганичени на бавно, постепено и секојдневно грицкање на традиционалниот македонски идентитет, институции, ознаки, јазик и култура. Иако ненасилен во физичка смисла, процесот на создавање на Homo severnicus е подеднакво брутален. Почнувајќи со насилната промена на името на републиката, оваа власт преку својата пропагандна машинерија и преку намерниот историски ревизионизам најдобро отсликан во образованието, во духот на Мао, се обидува да ги индоктринира младите Македонци и Македонки да си ја скинат папочната врвца која ги поврзува со нивните родители. Маоистички, младиот Homo severnicus е поттикнуван да ги омаловажува своите македонски родители дома, да ги перцепира како „заостанати“ и „глупи конзерви“ верни на традицијата, додека себеси гордо се смета за „прогресивец“ кој ита кон рајот наречен ЕУ. На училиште му проповедаат „северна, северна“, за да кога ќе се врати дома влезе во конфликт и костец со постарите генерации кои природно го одбиваат овој наметнат, вештачки идентитет. Северните идеолози би биле пресреќни кога би успеале да создат Homo severnicus кој е хиперконформист, климоглавец, папагал-повторувач, нарцисоиден игнорамус со патолошка зависност да биде воден „за негово добро“, да верува во некаков си „европски рај“ и да биде целосно незаинтересиран за вистината и неговото природно право да постои. Судејќи според историските неуспеси во обидите да се создадат Homo sovieticus и Homo maoticus, веројатно ќе пропадне и обидот за создавање на Homo severnicus. Но последиците од истиот, ќе ги чувствуваме мнооогу долго.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.